ЛАПИДАРИУМ СО ВРЕДНИ ЕКСПОНАТИ

Во музејот

Lapidarium

Лапидариум со бројни експонати отворен е во Заводот и Музеј, по 65 години од формирањето. Желбата да се остане засекогаш во колективната меморија на луѓето, преку вечноста на каменот, резултира со презентација на исклучително богатата збирка на епиграфски споменици и камена пластика, пронајдена на локалитетите во прилепскиот регион.

Изложениот материјал е важен сегмент на нашето културно богатство, а групирањето на експонатите е направено според естетското обликување на просторот. Збирката на епиграфски споменици и камена пластика содржи над 100 експонати, надгробни стели, епиграфски натписи, скулптури, ари, архитектонска камена пластика, сончев часовник (хорологион), релјефни бисти, вотивни релјефи, антропоморфни стели, капаци од урни и еден милјоказ.

-Најрепрезентативни наоди се мермерната антропоморфна пластика и епиграфските споменици од античка Стибера, мермерни надгробни стели и ари од повеќе археолошки локалитети, од кои дознаваме за духовноста и верувањето во задгробниот живот на нашите предци. Преку мермерната антропоморфна пластика се дознаваат не само за уметничките достигнувања, туку и историјата, културата и општествените случувања во тоа време – вели Благоја Атанасоски, директор на  Заводот и Музеј.

Во збирката се наоѓа и група на вотивни споменици, од кои дознаваме за нивните култови и верувања. Од архитектонската камена пластика се изложени декоративни елементи од Стибера и неколку архитектонски елементи од ранохристијанскиот период со исклучителна уметничка вредност.

Loading