ВО ПРИЛЕП МАЈМУН НЕ ИГРА

ivce1Навистина чудно! Отсекогаш се велело дека во Прилеп мајмун не игра, а сега, еве, прилепчани самите се нарекуваат мајмуни. Дури и навивачката група на Победа се нарекува Мајмуни. Зошто е тоа така? Прилепчани отсекогаш биле нарекувани мајтапчии, а не мајмуни. Постои и песна. Сме ја подзаборавиле. Ќе ја приведеме онака како што останала во меморијата :

Чудо стана, чудо стана посвета,

младинци да се женат!

Први беше, први беше врвеше,

скопскиот тапанџија.

И по него, и по него врвеше

битолски чкембарџија.

И по него, и по него врвеше

прилепски мајтапчија.

И по него, и по него врвеше

велешки стомнарџија.

Од вечни времиња, прилепчани биле мајтапчии, битолчани чкембари, а велешани стомнарџии. Велес беше познат по производство на глинени производи – бардиња, стомни, ќупови… Затоа се викаше и Ќупурлија. Прилепчани беа познати, нарекувани и како Рамповци. Името Харалампија во многу места, онака, галовно се вика Хари, некаде Ламбе, а во Прилеп, ете, Рампо. Бидејќи тоа било често прилепчани ги викаа Рамповци. Од каде сега – мајмуни? Кога ќе му се рече некому дека е мајмун, тоа е навредливо. Кога ќе прашал некој зошто во Прилеп мајмун не игра, прилепчани, како познати мајтапчии велеле дека нема кој да му го држи стапот. Но, еве сега, прилепчани од мајтапчии, драпачи, станаа мајмуни. Ќе приведеме еден напис што сме го прочитале. Не сме сигурни дали е легенда или е вистина. Но, точно е тоа дека објаснува зошто во Прилеп мајмун не игра.

Некаде, во почетокот на 19 век во Прилеп на брегот од Дабничка Река пристигнал Циганин со мајмун. (Во тие времиња Ромите беа нарекувани Цигани). Се насобрале многу луѓе. Мајмунџијата викал, ги собирал граѓаните, ги објаснувал способностите на ,,Мунчо,,. Мунчо се викал мајмунот. Мунчо можел да се искачува на долгиот стап што го носел мајмунџијата. Можел да изведува и други вештини. Но, за да се покажат сите вештини на мајмунот, мајмунџијата шетал меѓу луѓето и собирал пари. Стапот бил оставен некаде, понастрана. Во меѓувреме, тогаш познатиот шегаџија на Прилеп, некојси Ѓоре, набил на врвот на стапот една игла. За да го елиминира евентуалниот сомнеж врз себе и тој му дал на мајмунџијата некоја пара, дури и поголема. Дошло време Мунчо да покаже што знае. По заповед на господарот, тој се јази по високиот стап и така ќе дојде најгоре и кога ќе дојде најгоре седнува на врвот. Иглата се набива во неговиот задник. Одеднаш страотен врисок. Смеа кај некои од гледачите, а кај некои сожалување. Тогаш еден прилепчанец му се обратил на мајмунџијата приближно, со овие зборови: ,,Уште еднаш да не доаѓаш во Прилеп. Овие сиромашни луѓе лебот го вадат со работа, со труд, а не со вакви ѓозбојаџилаци. Да знаеш дека ВО ПРИЛЕП МАЈМУН НЕ ИГРА,,. Му изнарекол уште многу нешта. Не толку за да го навреди, туку да му каже дека во Прилеп живеат работливи луѓе, трудољубиви, домаќини. Не сакаат да ги занимават некои вакви кои сакаат со лесно да си го тераат животот.

Ја спомнавме Дабничка Река. Помладиве генерации не знаат дека таа река, во тоа време, па и подоцна, течеше и се разлеваше онака неканлизирана. Не како што е сега. Сега и не се забележува дека тука течела реката Дабничица која се влева во Оревоечка. Го споменавме и зборот ѓозбојаџилаци. Малку познат збор. Архаизам. Од турско потекло. Ѓозбојаџија значи нешто како магионичар. Човек кој со разно – разни трикови и магии ги забавува луѓето и на таков начин заработува пари и живее лесен живот. Вака некако, ни се врти во сознанието, зошто се вели дека во Прилеп мајмун не игра. Не се согласуваме со размислувањето на поединци кои тоа го толкуваат дека во Прилеп не играл мајмун зашто луѓето биле мајмуни.

Не! Прилепчани беа нарекувани мајтапчии или драпачИ, а никако не МАЈМУНИ.

ВО ПРИЛЕП МАЈМУН НЕ ИГРА !

Loading