ПРЕМИЕРА НА „АРАПСКА НОЌ“

Вечерва на сцената од театарот „Војдан Чернодрински

zoja

„АРАПСКА НОЌ“ од  Роланд Шимелфениг, во режија на Зоја Бузалковска е претставата што театарот ,,Војдан Чернодрински,, вечерва од 20 часот премиерно ќе ја изведе на матичната сцена. Режисерот вели дека авторот на текстот е еден од најистакнатите современи драмски писатели, чии текстови се преведени и поставувани на над 20 јазици.

– Добитник е на бројни награди, меѓу кои е и наградата за драмски писатели во Германија – Елзе Ласкер – Шулер. Пишува на неконвенционален стил, кој често се карактеризира со вешто комбинирање на дијалозите со внатрешни монолози и сценски упатства. Најпознати драмски дела му се ,,Арапска ноќ,,, ,,Златниот змеј,,, ,,Краткоденица,,,… и други – објаснува Бузалковска.

,,Арапска ноќ,, е напишан во 2001 година. Поставен е речиси во сите поголеми и поважни театри и е одигран на многу јазици.

– Текстот – партитура за пет ликови е игра на жанрови и стилови. Прикказната е прекрасна, неверојатно урбана и сензуална, која се движи во необични и сосема неочекувани насоки, која во себе го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина, можноста да се биде заробен во шише со коњак. Таа варира со стереотипите, отворено зборувајќи за нештата кои обично не ги изрекуваме гласно, а громогласно ги мислиме. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Зградата се претвора во ,,волшебна кула,, и станува ,,извор на магичен реализам,,. Елементите на трилер (низа стапици, недоразбирања, бркотници, ненадејни пресврти, убиство, љубовен триаголник – кој можеби и не е тоа) ја градат неизвесноста. Приказната која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина. Покрај големата динамичност, драмата води во претстава за осаменоста и за потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преживее ноќта. Во нашата ,,Арапска ноќ,, создадовме нова структура, во која приказната вкрстено ја раскажуваат еден актерски ,,полифонен, квинтет и еден музички квартет, градејќи заедно нонет. И кога би требало попрецизно да ја дефинирам претставата, тоа би звучело вака: ,,Арапска ноќ,, – нонет – потенцира Бузалковска.

Сценографијата и костимите се на Јулијана Војкова – Најман, драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, музиката е на Фолтин, а играат Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар Степанулески и Димитар Ѓорѓиевски.

,,Арапска ноќ,, е дел од годишната програма на театарот за 2019 година.

Loading