СПОРЕДБА

ivce1Се совпаднаа двата ракометни натпревара меѓу Македонија и Исланд со предизборната кампања за избор на Претседател. Веднаш да кажеме дека не навлегуваме во тоа како се одвива кампањата и какви се пораките и програмите на кандидатите за Претседател. Не интересира нешто друго – јазикот. Македонскиот јазик. Се наметнува потребата да направиме споредба меѓу спортистите и политичарите. Интересно! Се добива впечаток (и не само впечаток) дека спортистите, ракометарите, зборуваа на почист македонски јазик, отколку кандидатите за Претседател и особено од нивните придружници. Слушавме изјави од ракометарите. Коректен јазик, што предизвикува пријатно чувство. Ќе се чуеше одвреме-навреме погрешниот збор ,,утакмица,,, но, за жал, таа грешка ја слушнавме и од кандидат за Претседател. 

Ќе забележиме некои грешки што ги слушнавме од Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Зборот ,,утакмица,, за жал го слушнавме и од Гордана Силјановска Давкова. Малку чудно! Велиме чудно, зашто Силјановска не прави многу јазични грешки. Нејзините евентуални грешки би се сретнале во синтаксата, во структурата на речениците. Она што го прават, речиси, сите новинари и политичари. Но, за таа проблематика не можеме, во ваков краток простор, да пишуваме поопширно. Констатираме дека тоа е присутно многу често а со тоа се нарушува во голема мера структурата на македонскиот јазик. Ги бележиме главно лексичките грешки. Во таа област ,,води,, Пендаровски. Како да се солидаризира со сите други политичари. Чудно е, би рекле и загрижувачка, погрешната употреба на личната заменка од прво лице еднина. Наместо ,,јас,, сите велат ,,ја,,. Од Пендаровски го слушавме тоа редовно. Еве само еден дел од една реченица: ,,Ја, согласно препораките,,… наместо – ,,Јас, во согласност со препораките,, или “,,ас, согласно со препораките,,. Пендаровски зборува доста брзо и тешко можеме да ги забележуваме грешките. Тој меѓу другото зборуваше и за иселувањето на младите, најдобрите, најсилните стручни кадри. Но, тој не вели дека се тоа ,,млади сили,, туку вели ,,млади снаги,,. Сосема погрешно. Србите велат – ,,младе снаге,, и ние – ,,млади снаги,,. Пендаровски вели: ,,Тука во Скопје запишав Правен факултет,,. Како никој не се сетил дека тој прилог треба да гласи ,,овде,, а не ,,тука,,. Велиме вака зашто тоа го слушаме од сите новинари, презентери, политичари. Како не се сети некој лектор да интервенира. Значи, ова не го чувме само од Пендаровски, но во конкретниов случај станува збор за кандидат за Претседател. Јазикот беше честа тема во кампањата, па затоа неговата правилна примена е неопходна, задолжителна. Кога некој зборува за Скопје и се наоѓа во Скопје, тогаш треба – ,,Овде во Скопје,, а не – ,,Тука во Скопје,,. И во акцентирањето грешките на Пендаровски не се доброваат. Придружниците на кандидатите исто така, водени од предизборниот занес, прават многу грешки. Само за пример! Мицкоски вели: ,,Нас ни треба,,. Не! Треба да биде – ,,Нам ни треба,, а не ,,Нас ни треба,,. Не можеме сега да детализираме за ова. Другиот придружник! Премиерот! Уф! Какво неправилно акцентирање. Многу, премногу!

Не треба да го заборавиме и третиот кандидат за Претседател – Блерим Река. Кога зборува на албански не знаеме дали прави грешки. На македонски зборува сосема коректно. А во поглед на акцентирањето, речиси да не забележавме некаква грешка. Подобро акцентирање од најголемиот број политичари Македонци.

Во ваква ситуација, во предизборна кампања, работите се одвиваат доста брзо и тешко можат да се запаметат и да се нотираат сите јазични грешки. Целта ни беше само тоа, да го потврдиме фактот дека младите спортисти (ракометарите во овој случај) зборуваат подобро од оние од кои треба да учат.

Loading