ПОБЕДА НА ЖИВОТОТ НАД СМРТТА

Велигден на врата

vaskrs-u-crkvi

Велигден најсветлиот христијански празник во годината. Ако Велигден е божји збор до Бог, луѓето со верба и славење на овој ден се дарувани со милост. Велигден е духовна поткрепа и единство кај верниците. Секој се навраќа на врутокот на верата и да му посвети неколку дена за свој благодет, на “големиот ден”, на Воскресението Христово. Со широко срце и со длабока верба и радост се упатува молитва за здравје и бериќет. Празникот сугерира отворени рајските врати и  победена смрт. Во сабота пред полноќ се оди в црква и со свеќите в раце и јајцето се следи Божествената литургија. По поздравот “Хистос Воскресе”, ноќта се замрсува. Се крши црвено јајце кое е симбол на живот. Тогаш Исус воскреснал за пак да живее на небесното “пристаниште” и во нашата душа.

Велигден трае три дена.

Јајцето зазема посебно место на трпезата. Велигденските јајца според обичајот се вапсуваат на Велики Четврток и Велика сабота. Со јајцата се честат посетителите на домот. Домаќинката пред да изгрее сонцето, ги става јајцата во боја. Првото велигденско јајце се чува до следниот Велигден. Се верува дека тоа ја чува куќата и дава здравје на станарите. Со него домаќинката ги мазни децата по образите да бидат црвени како јајце и здрави како здравец. Јајцата се вапсуваат со црвена и други бои. Шараните јајца се интересни за децата. Дел се декорираат со сликички.

Има повеќе легенди за боените јајца. Една вели дека кога Евреите го гонеле Христос и, за миг не го фатиле, пред нив се појавила жена со чудесно обоени јајца. Прогонувачите биле маѓепсани од убавината на јајцата и го заборавиле “пленот”, кој им избегал. Друга говори дека Евреите им се потсмевале на верниците кои го предвидувале Христовото воскресение, велејќи им дека ќе воскресне кога кокошките ќе снесат црвени јајца. Според легендата, кокошките во неделата утрото по Воскресението, навистина снесле црвени јајца. Едно предание кажува како Марија Магдалена дошла во Рим да му го објасни на Тиберие Христовото воскресение, носејќи му црвено јајце за дар. Му рекла дека тоа е живот, од него се испилува пиле под дејство на топлината на кокошката. Онака како што Исус го оживува своето мртво тело и станал од гроб. Поради радосниот настан, црвената боја е боја на радоста, боја поврзана со живот – со оган и крв. Црвената боја ја симболизира крвта Исусова, а вапсувањето се чини за здравје и бериќет.

 

Loading