ОДЛУКА?!

ivce1Што значи зборот – ОДЛУКА? Дали е наш? Не е наш. Преземен е од српскиот јазик. Кај нас тоа би било – ОДЛАКА. Да се одлачи нешто, да се издвои. Глаголот е – ЛАЧИ (излачува, одлачува). Српскиот глагол е – ЛУЧИТИ (излучити). Во она време што го викаме ,,по ослободувањето,, се одржуваа многу состаноци, конференции и слично. На крајот, кога ќе завршеше дискусијата, требаше да се извлече, да се излачи, најбитното како заклучок. Во српскиот јазик, таквите заклучоци се викаа (се викаат) – ОДЛУКИ. Во Хрватска, во Босна и во Црна Гора исто така се употребува тој збор. Словенците си го приспособија според нивниот фонетски систем – ОДЛОКА. Во нашиот јазик го има глаголот ЛАЧИ (излачува), но, ете, не се формирала именка – ОДЛАКА. Нашите јазични експерти, во тоа време, се најдоа неподготвени за барање наш збор со вакво значење и затоа се прифати српскиот термин – ОДЛУКА. Прашање е дали не можеше да се најде решение. Именката ОДЛАКА не се формирала, но на некои луѓе од народот им затребала една слична именка и тие си ја создале. Во малите села се практикуваше овците од цело село да се групираат и така да се формираат бачила. Доцна наесен овците се разлачуваа, секој си ги земаше своите. Тој ден кога се лачеа овците луѓето го викаа – РАЗЛАКА. Значи, на луѓето им требало таков збор и си го нашле. Се разбира, тој не може да го замени зборот – ОДЛАКА. Значењето е поинакво, но, зошто не би се употребил зборот – ИЗЛАКА? Од односниот состанок би се излачило најбитното, и наместо ОДЛУКА би се викало ИЗЛАКА. Но, сега е доцна. Нашето уво веќе свикнало да го слуша зборот ОДЛУКА. Луѓето го употребуваат дури и незнаејќи го неговиот корен. Едноставно, штом ќе се реши нешто, штом ќе се издвои, ќе се излачи најбитното, луѓето тоа го викаат – ОДЛУКА. Тој збор е веќе зарегистриран во Речникот (тритомниот). Веќе станал норма, со објаснување – ,,Донесе одлука,,, ,,Судска одлука,, и така натаму.

Треба да се знае дека позајмена е само именката – ОДЛУКА и никакви други деривати изведени од таа именка. А денес редовно слушаме – ОДЛУЧИВ, ОДЛУЧУВАМЕ, па дури и некаква форма на повратен глагол – СЕ ОДЛУЧИВ. Наместо тоа, треба да се користат – РЕШИВ, РЕШАВАЊЕ, СЕ РЕШИВ и слично. Именката РЕШЕНИЕ не може да ја замени именката ОДЛУКА, зашто – РЕШЕНИЕ веќе се има зацврстено со сосема поинакво значење – ,,Решение за плата,,, ,,Решение за годишен одмор,, и слично.

Овде го приведеме објаснувањето на доскорешниот лектор на Радио Скопје, Стефан Зиглин. Во билтенот број 4 што го издаваше Радио Скопје, а чиј уредник беше Стефан Зиглин, има вакво објаснување:

,,Српскиот глагол – ОДЛУЧИТИ со неговите деривати се проби и во хрватскиот и во словенечкиот јазик. Во хрватскиот и македонскиот се употребува изворно, а во словенечкиот приспособен според словенечката фонетика и гласи – ОДЛОЧИ, именката е ОДЛОКА. Кај нас се дозволува употребата на именката – ОДЛУКА, и тоа од правна причина. Глаголот – ОДЛУЧУВА (одлучи) и калкираната процесуална именка – ОДЛУЧУВАЊЕ не се препорачуваат од Институтот за македонски јазик,,.

Неверојатно честа е употребата на изведенките од именката ОДЛУКА, и тоа онака, како во српскиот јазик. Ги употребуваат и обичните граѓани. Редовно ги слушаме од новинарите, политичарите… Сите. Нашиве луѓе не го знаат коренот на тие зборови. Ги користат напамет, како што ги слушнале. Многу наши ТВ водители, сме слушале како поставуваат прашања на своите соговорници. Наместо – ,,Што решивте?,, или ,,За што се решивте?,,, тие велат ,,Што одлучивте,, или ,,За што се одлучивте,,. Не би ги користеле овие глаголи кога би го знаеле нивниот корен. ОДЛУЧИВТЕ, всушност, на наш јазик би значело – ИЗЛАЧИВТЕ.

Накусо! Позајмена е само именката – ОДЛУКА и никакви други деривати.

Loading