СПОЈНИЦИ – „СПАЈАЛИЦИ“

ivce1Следиме епизода од македонската серија – ,,На терапија,,. Одлични актери. Дијалогот – прекрасен. Двајца актери. Актер и актерка. Се убаво. Јазикот – како обично, нечист. Зошто? И којзнае по кој пат – зошто, зошто? Постојано ја слушаме именката – ,,кондураџија,,. Безброј пати. Зар уште не разбравме дека тој збор на македонски значи ,,чевлар,,. Чевларот произведува чевли, зар не ? Турскиот збор – ,,кондура,, одамна е отфрлен. Го слушаме исто така зборот – ,прслук,,. Многупати. Кај нас тоа е ,,градник, или едноставно ,,елече,. Зошто српскиот збор ,,прслук,,? Забележавме една ваква реченица: ,,Молим те, симни се од каучот,,. Како е тоа можно? Каде е лекторот? А и без лектор, актерите треба да знаат дека вака не оди. На македонски оваа реченица треба да гласи: ,Те молам слези од каучот,,. Негрижа, негрижа!

И не е само тоа. Уште не се знаеја кандидатите за претседател. На една наша телевизија слушаме: ,,Кој ќе ја трка претседателската трка,,?  Е, сега, најдете му го крајот. ,,Кој ќе ја трка трката,,?! А оваа грешка не ја слушаме првпат. Речиси редовно слушаме дека некој ќе се ,,тркале,,. Во претходната реченица зборот ,,трка,, е употребен и како глагол и како именка. Зар не е јасно дека зборот ,трка,, е именка, а глаголот гласи ,,трча,,. ЗначИ – ,,Кој ќе ја трча претседателската трка,,? Во следниот случај ,,ќе се тркаат,, изразот е неточен. Може да биде ,,ќе трчаат,, или ,,ќе се наттрчуваат,, а никако не – ,,ќе се тркаат,,. Уште еднаш, зборот ,,трка,, е именка, а не глагол.

Пребарувајќи по програмите на ТВ, на екранот прочитавме реченица: ,,Кој тоа таму управува,,? Грешка! Некогаш, одамна, играше српски филм – ,,Ко то тамо пева,,. Нашиве го преведуваа – ,,Кој тоа таму пее,,. Уште оттогаш се провлекува истата грешка. Еве и сега – ,,Кој тоа таму управува,,. Да напоменеме. Во македонскиот јазик, во прашалните реченици, по прашалниот збор веднаш доаѓа глаголот па потоа другите зборови. Значи – ,,Кој пее тоа таму,, или ,,Кој управува тоа таму,,. Ваква испаколичена синтакса слушаме многу често и на многу места. Сето тоа е под влијание на српскиот јазик и како резултат на нашата тотална негрижа.

Еден наш министер објаснува дека сега, во тоа министерство се е јавно и транспарентно. Се знаело за сé што се купува и колку се трошело. Вели дека така било, па макар и да се купеле ,,спајалици,,. СПАЈАЛИЦИ! Го слушаме тоа редовно. Дури и лично сме имале случај кога сме сакале да купиме. Бараме од продавачот дали има ,,спојувалки,, а тој не не разбира и се чуди што е тоа што бараме. ,,Спојници, спојници – му велиме! Она што служи за спојување на листови,,. Тој се подзамислува и вели: ,,А, спајалици! Имаме, имаме,,. Ете така вели и министерот. Не размислува дека со тие мали предмети се спојува нешто, а не се спаја. Штом некој предмет се користи за спојување на нешто, тој е спојка, спојувалка, спојница. Овие ,,спајалици,, што ги викаме најдобро и најточно е ако се ,,спојници,,, најблизу и до она на кое свикнало увото ,,спајалици,,.

Еден друг господин министер објаснува за нешта кои се далеку од нашите можности. Вели: ,,Да не гаиме илузии дека е тоа можно,,. Глаголот ,,гаиме,, го нема во нашиот јазик. Глаголската именка ,,гаење,, кај нас гласи – ,,одгледување,,. Во определен момент може да значи и ,,негување,,. Имаме одгледување на цвеќе, одгледување на овци и многу такви. ,,Да не гаиме илузии,, може да се каже дека не треба да одгледуваме такви илузии. Може и не треба да имаме такви илузии, може и дека не треба да негуваме такви илузии. Но, ете, министерот го одбрал српскиот збор.

Ќе можеме ли да ,,гаиме,, илузии дека ќе нема вакви грешки.

Loading