МАМО, ЈАС СУМ БОС

Во седумдесетите години во минатиот век, кога македонскиот народ нагло се крена да оди на печалба во Ав­стра­лија, заминал и еден син единец. Откако се сместил и нашол работа, контактирал со мајка си со писмо. Кога таа го добила пис­мото, комшиите забележале дека слабо муабети со соседите. Дури ја виделе дека плаче и прсти си крши, шетајќи низ дворот.

Комшиите, како комшии, потребни се и за арно и за лошо. Ја прашле зошто е нерасположена и плаче. Дали од жал за синот или пак има некоја друга мака, да и поможат, дали можеби нешто неарно í пишал синот. Мајката одговорила:

– Како да не плачам. Син ми ми пишува дека бил бос. Златен на мајка, додека беше дома имаше чорапи, а сега останал бос. Сигурно е и гладен и нема ниту пари да си купи јадење. Овде само со мрсно се ранеше, таму му кркорат цревата од глад. Кај гладен па и необлечен, гол. Може и да студи таму. Пишува дека бил ,,бос,,. Кутриот ќе изѕемни во нозете! Сакам да одам в град  да купуам неколку чифта чорапи и да му ги пратам да му се најдат – рекла растажената мајка.

Имало некој од комшиите што се вратил од Австралија и знаел ан­глис­ки. Го отвориле писмото и читаат. Го нашле зборот ,,бос,,. Тој го превел на нашки и í рекол.

Не се саклдисувај. Син ти веќе не е обичен работник. Напред­нал во службата. Станал предработник, по наше, бригадир или шеф. ,,Бос,, на англиски значи шеф. Тоа станал син ти – í објаснил преведувачот.

Така, мајката се освежила и се расположила. И заминал јадот и дертовите од душата. Наместо солзи, í бликнала насмевка на нејзиното лице и се гордеела со сина си што му тргнала работата за напред. Веќе не кршела прсти за  синот единец.

Loading