СТО НАСТО !

ivce1Во некое поодамнешно време, кога требаше да се изрази нешто во проценти, нашиве луѓе обично велеа – ,,посто,,. На пример – ,,Триесет по сто,,. Кога требаше да се изрази некоја апсолутна големина на нешто се велеше – ,,Сто посто,,. Во некоја поранешна година на ,,Евросонг,, не претставуваа три девојчиња со песната која гласеше ,,Сто посто те љубам,,. Потоа, имаше коментар дека тој наслов е погрешен. Се виде дека сто посто се десет илјади. А насловот требаше да го прикаже, всушност, најголемиот можен степен на љубов. Оттогаш, како епидемија, во сите медиуми почна да се користи изразот – ,,Од сто,, (отсто), преземен од српскиот јазик. Чудно е, зошто сите бегаат од правилното – ,,насто,,.

За да потврдиме дека тоа е правилното, ќе приведеме примери од текстови на Блаже Конески. Еве една реченица од негов расказ: ,,Најпростиот начин за некои беше да земат овде кредит со камата од еден насто и да ги вложат истите средства во некоја банка во Нисх со камата од осум насто”.

Ќе приведеме и друг пример од Блаже Конески. Тој на повеќе места објаснува дека народниот јазик е, всушност, основата на литературниот. Во еден свој напис Конески објаснува за употребата на народниот јазик, за неговата практична писмена примена од 16. до 19. век. Примеров што ќе го приведеме е интересен од повеќе аспекти, а не само за тоа како се изразувал процентот уште од тоа време. Конески вели вака:

За илустрација на тоа како народниот јазик се затврдуваше во практичнато писмено општење меѓу нашите луѓе нека ни послужи овој текст од 1814 година, кој е интересен веќе по тоа што претставува извесен правен акт, договор за ортаклак меѓу двајца трговци. Говорот е велешки:

,,Од денеска овде ја покажујам како се чиниме ортаци сос х (адџи) Тасета и турил исто така х (аџхи) Тасе капетал 500 гроша броени пари да работат. Насреде од овија пари, шо ќе им даде Господ – или ќар или зарар братски да делат наполу. И имаме збор за четири години да работиме заедно ортаклик. Од како ќе се сврши това време, ако сака и еден и друг пак можат за повеќе да време да останат. Затоа првиме две писма едно како друго да се знае,.

1814 јануарија 5, Башино село.

Ас Хаџи Тасе су каил

јас Мано х Петко

…И да работат сос фајде по 50 пари на месец на стото,,.

Поради технички причини, текстов го предадовме со современа македонска азбука. Основната цел ни беше да се види дека уште од тоа време се велело – ,,насто,,. Како што гледаме фајдето (печалбата) ќе бидело 50 пари НА СТОТО, а не ПО СТОТО или ОТСТОТО.

Зборот ,,зарар, е помалку познат. Турцизам е. Значи загуба. Овде среќаваме и еден друг збор ,,наполу,,. Така треба и оттогаш така било. Е, сега, сегде слушаме НА ПОЛА или пак ПОЛА. Да се вратиме на основната тема, изразувањето на процентот. Зошто нашиве медиуми сите без исклучок, ја користат српската форма – ОТСТО. Рековме дека порано сите велеа ПО СТО, а никако да се употреби точната форма. За ова пишува многу одамна и Благоја Корубин во ,,Јазичното катче,, во весникот ,,Нова Македонија,,. Доскоро го чувавме написот и сечен од весникот. Ете, сега не можеме да го најдеме. Веројатно е поништен од невнимание. А убаво се сеќаваме на тоа објаснување и укажувањето е дека треба – НА СТО, а не ПО СТО. Своевремено Радио Скопје издаваше билтен со наслов – ,,Каде грешиме,,. Го подготвуваше тогашниот лектор Стефан Зиглин. Мораме да кажеме, одличен лектор. И тој укажуваше на оваа грешка. Поседуваме десетина броја од тој Билтен. Често ги прелистуваме. Често го среќаваме тој дел каде што Зиглин објаснува дека треба – НА СТО, а дека од некои медиуми погрешно се прифаќа – ОТСТО од српскиот јазик.

Се надеваме дека ќе се поправи оваа греќш, но не сме сигурни – СТО НАСТО.                             

Loading