ПОБЕДА СЕ ПРЕДАВА НА ОПШТИНАТА

За вкупна цена од 5 евра, досегашните акционери на Победа му ги отстапуваат акции на градот. Останува финансиската поддршка на локалната самоуправа за популарниот клуб од 3 милиони денари. Заради претседателските избори, средствата ќе бидат префрлени по изборите. Општината продолжува со преземената обврска за покривање на северната и реконструкција на јужната трибина.

Градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека со отстапувањето на акциите на градот, се отвора можноста во клубот да инвестират сите заинтересирани граѓани и бизнисмени.

-На располагање се акциите на клубот. Апелирам до стопанственици и заинтересирани граѓани кои ја сакаат Победа да вложат во клубот занегово идно успешно функционирање. На стадионот се поставува покривната конструкција на северната трибина. До почетокот на новата фудбалска сезона, Општината ќе ги исполни преземените обврски, за кои од буџетот се издвоени околу 40 милиони денари. Се надевам дека и Фудбалската федерација ќе го исполни ветувањето и ќе постави нова трева, со што од следната сезона љубителите на фудбалот на Градскиот стадион, после пауза од неколку години, повторно ќе гледаат прволигашки фудбал – истакна Јованоски.

-Акциите на Победа се отстапуваат да се врати клубот на граѓаните. Одлуката ја поддржа и градоначалникот. Петте акционери се соглија акциите да бидат продадени преку јавна објава на останати компании за спас на Победа и враќање на клубот онаму каде што припаѓа. Продолжуваме финансиски да го поддржуваме клубот рече претседателката на Победа и досегашен акционер, Ирена Јакимоска.

До крајот на првенството, со клубот ќе раководи генералниот секретар Миле Спиркоски.

Loading