ОБЛОГ, НЕ ОПКЛАДА

ivce1Многу обложувалници имало во земјава. Некои биле лоцирани близу до училиштата. Тоа дејствувало соблазнително кај учениците. Ќе се носел закон, обложувалниците да бидат барем 500 метри оддалечени од училиштата. Го слушаме новинарот. Вели: ,,Ќе се дистанцираат ли обложувалниците од училиштата? Од кладилниците нема одговор,,. Уште има колебање при именувањето на овие објекти. Во почетокот, речиси редовно, се викаа кладилници. Потоа, во најголема мера се пишува обложувалница. Зборот ,,обложувалница,, е вистинскиот, така треба, тоа е правилното. Кај нас е ,,облог,, а не ,,опклада,,. Но, често слушаме да се вели ,,Ајде да се кладиме,,. Чудно е тоа со новинарот. Тој, во истиот момент, во истиот исказ, вели и ,,обложувалница,, и ,,кладилница,,. Чудно! А именката кај нас е ,,облог,. И во песните (стари) сме ја среќавале:

Облог ми чинеле лудо, ем девојка,

Наедно да спијат три дни и три ноќи,

На една ругузина, на една перница,

На едно да спијат да се не задеват.

Значи: обложување, облог, обложувалница.

Ако сака некој да каже дека некое дејство, некоја желба, некој настан не му се својствени и не се во неговата преокупација, често слушаме да се вели: ,,Тоа не ми е на крај памет,,. Обично, тоа е карактеристика за скопскиот говор. За жал, таквите погрешни искази се пренесуваат насекаде. Го слушаат тоа луѓето од нашите ТВ емисии и го прифаќаат како точно. А дали е точно? Се разбира дека не е. Испуштањето на членот, што најмногу е застапено во скопскиот жаргон, би рекле дека е опасна појава. Неодамна, слушаме исказ на еден политичар кој вели: ,,Не ми е тоа на крај памет,,. И во други пригоди сме се изјаснувале. Еве, и овде, две именки (КРАЈ и ПАМЕТ) стојат еднододруго со ништо неповрзани и според тоа, не значат ништо. Исто како кога би рекле: ,,Стави го столот на крај соба,,, наместо, на крајот од собата. Би требало: ,,Не ми е тоа ни на крајот од паметот,,. Сметаме дека е подобро да се рече – ,,Не ми е тоа на крајот од умот,,. Изразот би бил поточен и некако, постегнат. Се разбира, не може – ,,Не ми е тоа на крај ум,,.

Истакната правничка објаснува нешто и во излагањето вели: ,,Некои лица смогнале храброст и снага,,. И оваа грешка често ја слушаме. Особено од политичарите. Од мнозина сме слушале дека имале снага да ја завршат таа и таа работа. Дури еден од нив вели дека имале и сила и снага. Погрешни се тие изрази. Госпоѓата можеше и требаше да рече дека некои лица смогнале храброст и сила, а не снага. Зборот СНАГА во нашиот јазик значи тело, човечко. Друго е тоа во српскиот јазик. Србите би рекле за некој фудбалер дека има ,,снажан шут,,. Кај нас тоа не е така. Кај нас тоа значи дека фудбалерот има СИЛЕН, а не СНАЖЕН шут.

Позната господин од филмската сфера, од културата објаснува за успехот на еден наш филм. Постигнал филмот голем успех, добил повеќе награди. Вели: ,,Филмот бил за понос и за чест,,. ПОНОС? Зар уште не разбравме дека тоа не е наш збор. Зар уште не разбравме дека кај нас тоа е – ГОРДОСТ. Српскиот збор ,,поносан,, кај нас значи – ,,горд,,.

Не си спомнуваме дали сме пишувале за следнава грешка. Но, како и да е, í дојде редот. Во дебатна емисија слушнавме висок интелектуалец. Темата беше околу изборот на новиот Претседател во државава. Господинот вели дека кандидатот на позицијата ќе има поголеми можности за победа. Вели: ,,Тој кандидат преку сите полуги на власта ќе успее,,. Зборот ,,полуги,, е натрапник во овој израз. Не е наш. ПОЛУГА значи ЛОСТ. Да, така е тоа во нашиот јазик. Но, ете! Многу наши луѓе, во многу случаи забораваат на нашите зборови и земаат туѓи. Обично од српскиот јазик. Не е ова ни прво ни последно.

Loading