ПРИЛЕП – ДОМАЌИН ПО ДОЛГИ 13 ГОДИНИ

Trajce DameskiСтрелаштво: На 30 март е Вториот куп

-Учесниците ќе гаѓаат во стрелиштето „Марко Цепенков“

Прилепските спортски љубители последниве неколку години пред викенд прашуваат: Има ли некој фудбалски или ракометен натпревар во градов? Одговорот неретко е разочарувачки: Нема. Оттука, и секој друг спортски настан е добредојден. Во таков прилог е веста дека СК Херој Прилеп ќе биде организатор на натпревар од државно ниво.

-На 30 март е Вториот куп за пионерки и пионери во национална програма, со воздушна пушка. Учесниците ќе гаѓаат во стрелиштето ,,Марко Цепенков,, кое е во добра состојба. На располагање се 20 места, најмногу во државава. Многу важно е што сме домаќини. Последен пат во таа улога ја игравме пред 13 години – рече Трајче Дамески, тренер, некогашен селектор.

Херој Прилеп некогаш беше шампион на Македонија. Во 2006 година се случи тригодишна суспензија од Федерацијата (за учество во ,,нелегална федерација и лига,,). Потоа беше најтешкиот клупски период. Сепак, се одржуваше континуитет со минимална активност и настапи на официјалните натпревари. Последната сезона е значајна, бидејќи е пораснат интересот за членство во клупската школа. Обуката е за над 20 млади стрелци, меѓу кои се бара наследникот на Дарко Насески, олимпиецот од Атланта 1996.

-Може да се јави нов Дарко Насески. Не зависи само од мене, туку и од децата. Талентирани стрелци се и одбрани, според успехот во училиштето, минимум многу добар – вели Дамески.

Годинава почна одлично. На првиот куп пионерската екипа на го освои првото место (Вероника Томеска првак, Ирина Јованоска втора, а со нив и Магдалена Ристеска). На Државно сениорско за меѓународна програма Маја Чешелкоска беше трета со пиштол, а Мартин Ангелески четврти со пушка.

Loading