ВО ОЧИ НА СВЕТИ ТРИФУН

ivce1Постојано си го поставуваме прашањето – зошто? Зошто толку грешки во јазикот? Зошто таква негрижа? Како јазикот да е најневажната работа. Зошто грешат интелектуалците, професорите, новинарите и кој уште не? Слушаме излагање на универзитетски професор. Се проширија некои слухови дека се појавила терористичка група во земјава. Полицијата ја следела ситуацијата. Биле пронајдени разни предмети кои можеле да бидат употребени за некои терористички активности. Професорот ја смирува работата. Вели дека тие предмети требало да бидат подвргнати на детална анализа. ПОДВРГНАТИ?! Зошто професорот не знае дека тој збор не е наш? Зошто не вели дека предметите треба да бидат ПОДЛОЖЕНИ на анализа, а не ПОДВРГНАТИ?

Се случи голема сообраќајна несреќа. Загинаа повеќе луѓе. Новинарите известуваат. Што се не слушнавме во тие нивни известувања. Ќе биделе одложени сите свечености подготвувани ,,Во очи на Св. Трифун,,. Србите велат ,,Уочи,, и ние со некакво буквално преведување – ,,Во очи,,. Никој нема да буричка во ничии очи. Зошто да не се рече – ,,Наспроти Св. Трифун,,? Зошто не – ,,Во пресрет на празникот,,, зошто не ,,Во предвечерјето на празникот,,? Но, ете, ние – ,,Во очи на Св.Трифун,,.

Колку пати новинарите не известија дека се случила – ,,Трагична несреќа,,? Малку ако се размисли ќе стане јасно дека изразот е сосема погрешен. ТРАГИЧНА НЕСРЕЌА?! Па може ли да постои некаква поинаква несреќа? Зар постои некоја радосна или комична несреќа? Зошто не се каже нормално, дека се случила ТРАГЕДИЈА или дека се случила НЕСРЕЌА? Тие зборови можат да бидат потсилени и со тоа ако се рече ,,Голема трагедија,, или ,,Голема несреќа,,. Трагична несреќа, не може. Нелогично е. Се знае дека трагедијата е несреќа или дека несреќата е трагична.

Во таа ужасна несреќа пристигнуваше помош од сите страни. Се известуваше дека пристигнувале пожарникарите, полицијата, амбулантните возила – ,,На лице место,,. А што значи тој израз? Во нашиов јазик – ништо. Србите велат ,,На лицу места,,, ние, повторно некаков превод – ,,На лице место,,. Зборовите (именки) и кај нас и кај Србите имаат исто значење. Но, Србите не велат ,,На лице место,, туку ,,На лицу места,,. Со помош на падежите објаснуваат дека пристигнувањето било токму на тоа место. Ако се преведе тоа буквално, кај нас би значело – ,,На лицето од местото,,. Тоа сепак не оди така, а смислата е таа дека се пристигнувало ,,На самото место,,. Значи, токму тука, каде што требало. Инаку, тие две именки ,,лице,, и ,,место,, во ваков случај не значат ништо. Исто како кога би рекле ,,На брегот езерото,,, наместо ,,На брегот на езерото,,. Србите би рекле ,,На брегу језера,,. Исто како ,,На лицу места,,. Замислете ние да постапиме како во горниот случај и да речеме – ,,На брег езеро,,. Две именки со ништо неповрзани, како она ,,На лице место,,. Не оди тоа така. Таквата прилошка форма кај нас не значи баш ништо.

Еве една поинаква, а мошне честа грешка. Чекаат новинарите пред судската зграда. Излегува извесен адвокат и дава изјава. Веднаш до него, на вратата, голем натпис – ЗАТВОРАЈ ВРАТА. Што треба да разбереме од ова? ЗАТВОРАЈ ВРАТА! Значи, кај ќе стигнеш, штом ќе најдеш врата, и затворај. Зошто тие луѓе што го напишале ова не знаат (или не мислат) дека тоа е погрешно? Предупредувањето се однесува на точно определена врата. Таа врата низ која се влегува во судот. Текстот треба да гласи ,,Затворај ја вратата,, или ,,Затворајте ја вратата,,. Значи таа врата, конкретно таа. Именката е определена и неопходно е да биде членувана. А неопходна е и кратката заменска форма ,,ја,,.

Еден истакнат интелектуалец прави забелешка дека за некоја си работа требало УСПУТ да се направел некаков коктел. Ете така – УСПУТ. Тој можел да рече и ,,попатно,, и ,,меѓу другото,,, но ете, УСПУТ му звучи поубаво.                                                                                                                                                                          

Loading