„НИШТО БЕЗ ТРИФОЛИО“ ВО РАДОВИШ

01352

По успешната премиера на претствата „Демократија“ ансамблот на театарот в понеделник гостува во Радовиш со претставата „Ништо без Трифолио“ во режија на Коле Ангеловски. Радовишани ќе можат да се насмеат, расположат со веселата урнебесна комедија на забуни, грешки и љубовни сплетки. Ќе ја проследат современата и инвентивна постановка на ова култно дело, денес поактуелно од кога било.

В среда пак, на светскиот ден на театарот, ќе се изведе претставата ,,Пиреј,, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, кога ќе бидат прочитани светската и македонската театарска порака. Автор на светската порака е Карлос Селдран од  Куба, режисер, драмски писател, театарски едукатор, професор. Тој посочува дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет.

-Ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите кои ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност – вели Селдран.

Драмскиот автор Југослав Петровски е автор на македонската порака.

-Театарот, во секоја своја форма, жанр, сегмент, елемент… што и да е, мора да остане жив! А за да биде и остане жив, зависи исклучиво од катарза, од магичното, таинственото, волшебното што го содржи секоја, вистинска антологиска драмска, т.е. театарска приказна – потенцира Петровски.

Loading