СОЛЗИ ВО 1980

Историја

Колку што прилепчаните се радувале по успесите на Победа, исто толку тагувале по неуспесите. Летото 1980 година екипата за опстанок во Втората југословенска лига се бореше до последното коло, на 22 јуни. Тогаш беше мечот дома со фаворитот Трепча К. Митровица. Гостите имаа ,,разбирање,, за прилепските потреби од два бода и гол-разлика, така што не даваа отпор во второто полувреме. Голманот се фрлаше на погрешна страна и така Победа победи со 5-1. Можеше уште толку, но се сметаше дека е доволно. Потоа на разглас половина час се чекаше резултатот од Мајданпек – Титоград. Само реми не одговараше. Радио Скопје објави мирољубиви 1-1, со кои Победа отпадна. Илјадници беа во шок. Никој ништо не зборуваше. Како на погреб. Економот Диме Катранушески седеше и плачеше наведнат пред старата болница. Попусто се обидуваа да го смират. Солзите незапрливо му течеа по лицето.

Секогаш кога Победа отпаѓаше, беше тажно во Прилеп.

Loading