НЕБОТО И ПРОСТУВА НА ЗЕМЈАТА – ЧОВЕКОТ НА ЧОВЕКОТ

IMG 3654

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум, подвижен. Не се врзува со конкретен датум, туку со Велигден. Празнувањето на Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. Прочка е во седмата недела пред Велигден. Овој празник е почеток на велигденскиот пост. Потсетник е на духовниот карактер на постот. Постењето почнува со проштевање и со покајание, оти без нив се губи суштината на односите на луѓето кон луѓето. Се искажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Проштевањето е безгранично и безусловно. Откако ќе прости, човекот има кротост, трпение, смирение и човекољубие и добродателство.

Смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта. Тоа е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резултат на љубовта. Ако христијаните на Прочка нудат проштална љубов, се добри како праведници, како Христос и Богородица. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. Тоа е почеток на христијанското живеење.

IMG 3953

Проштевањето е духовен пост, кој му претходи на телесниот пост. Духовниот е пред телесното, како душата пред телото. Праникот се слави да почне велигденскиот пост со чиста душа, скротување на телото и воздржување од сластите и страстите. Чистењето е подготовка за доаѓањето на важен гостин.На Прочка попладне свештените лица прават едноцрквие. Со верници секој секому му дава рака за покајание и прошка и христијански се прегрнуваат. Се простуваат грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото што сме го сториле едни на други. Простувањето е дело на љубовта, бришење на сите навреди, лаги и клевети на другиот. Тоа е духовно херојство, растоварување на својата и туѓата души од голема тежина.

На сите им проштева, дури и на непријателите да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост. Традицијата за Прочка е богата и разновидна. Празник е на народот, затоа најмногу се проштева. Народот проштева покрај претрпените неправди. Така се правело низ вековите и денес. Тоа е нашата духовна определба, душа. Таков е нашиот дух, трпелив и со христијански однос . Така сме воспитувани, усовршувајќи го доброто. Тоа не е лесно, а не е ни тешко, бидејќи љубовта прави чуда. На Прочка, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаата кај свекрвата, сестрата кај сестра си и секој секому му вели: ,,Прости ми,,, а тој одговара: ,,Простено да ти е од мене и од Бога,,. Простувањето не е формално, само со зборови, туку вистинско, кое се случува прво во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите. Така прави секој, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот. Глетката е мила, полна со љубов и радост. Благопријатно е чувство на проштевање и прегратка. Ја облагородува душата и го поттикнува добродателството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост. Проштевањето е духовно миење, очистување на душата. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. А Бог ги благословува да останат во взаемната љубов и радост. Простувањето е силно е чувството на слобода, ослободување од гревот со сите негови отрови. Проштевањето е решеност повеќе да не се греши, зашто ако е формално гневот останал и гревот гризе. Нема очистување и вселување на љубов во душата. Простувањето зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела. Да простиш, значи да не дозволиш во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. Вистинската смисла е дека пред постот, ја затвораме устата со бело јајце и на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Негувањето на обичаите е семејна радост во топол и мил амбиент. Другите начини на прослава се пагански остатоци со некои нови примеси за забава. Убаво е и традицијата на улиците и плоштадите ако е промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера, и ако се претставуваат делата полни со мотиви од нашата култура, преубавата македонска носија, со уметничките ракотворби, со убави песни и со наше оро со народни инструменти. Прославата на улица ја облагородува душата и го полни духот со добрина. Славе е сé што го издигнува човекот повисоко и не што го валка и морално не го урива.

Првиот ден по Прочка е чист понеделник кога почнал постот. На овој ден почнува очистувањето.

Пост за рај

Прочка е посветена и на првиот човек Адам. Тој прв згреши со гревот со храна. Светот горко плаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога. Поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го загуби рајот. Пост е запазување на она што Адам не го запазил и стекнување на она што тој го зaxгубил.

Loading