ЧКРТАЊЕ, НЕ ШКРАБАЊЕ

ivce1Непријатен податок слушнавме на една од нашиве ТВ. Според загадувањето на воздухот сме биле први во светот, а нашите ученици  биле последни во светот според познавањето на јазичната проблематика, според математиката и според природните науки. Навистина, непријатна и загрижувачка состојба. И за едната и за другата состојба излегоа ,,компетентни,, политичари и го кажаа своето мислење за тоа како ќе се поправи оваа катастрофална состојба.

Бидејќи, ние пишуваме за познавањето односно непознавањето, на нашиот јазик, за многуте грешки што ги слушаме постојано, и овојпат ќе набележиме неколку. Велиме неколку, зашто не можеме да ги нотираме сите. Човек треба постојано да го држи перото в раце. Но, и тогаш не може да го забележи секој погрешен збор или погрешен израз.

Ајде да почнеме. Гледаме филм на една наша ТВ. Тоа беше познатата ,,Зона Замфирова,,, односно сценарио напишано според неа. Преводот, не тонски, туку титлуван. Грешки во напишаниот текст – многу. Еден актер игра улога на новинар. Бидејќи новинарите се занимаваат со пишување, другите ликови од филмот го нарекуваат (потсмешливо) ,,шкрабало,,. Нашиве преведувачи, мислејќи дека тоа е наш збор, воопшто не го преведуваат. Се повторува тој многупати. А што би значел тој збор? Во српскиот јазик, за човек кој пишува непотребни работи или пак има сосема лош ракопис, велат дека е – ШКРАБАЛО. Како би рекле ние во таква ситуација? Како би рекле за неуспешни новинарски текстови, за крајно лош ракопис или за некои непристојни графити по ѕидовите? Секако, ќе речеме дека тоа се – ЧКРТАНИЦИ. На дете кое пишува лошо, често се вели: ,,Што е ова чкртки – мртки,,. Воопшто, зборовите: чкртаници, чкртање, чкртало, се мошне познати и употребувани. Но, нашиов преведувач ,,чкртајќИ,, го зел зборот – ШКРАБАЛО!

Слушаме вести. Стануваше збор за некаква регулатива, за некаков закон кој бил донесен минатата пролет. Новинарот вели: ,,Закон донесен на пролет минатата година,,. Прво да кажеме дека зборовите ,,на пролет,, тој ги изговара вака, одделено со акцент на предлогот ,на,,. Тоа е еден збор – НАПРОЛЕТ. Прилог за време е тоа. А другата, уште поголема грешка е во самата конструкција, во значењето на реченицата. Ако се рече ,,напролет,, тоа значи дека нешто ќе се случува во пролетта што доаѓа. А ако тоа дејство се случило ланската година, тогаш треба да гласи: ,,Закон донесен во минатата пролет,,. Може да се рече и дека законот бил донесен во минатата пролет. Може и ,,лани, пролетта,,. Вака, како што ја слушнавме таа реченица, никако не оди.

Светско првенство во ракомет. Го сакаме овој спорт и ги гледаме натпреварите. Учесник на првенството и репрезентацијата на Хрватска. Во какви дресови и да играат Хрватите, на нивните дресови е секогаш нивниот препознатлив знак – црвени и бели квадрати. Нашиве репортери, не само годинава, секогаш кога се хрватските спортисти, ги викаат ,,коцкести,,. Често слушаме (погрешно) и ,,коцкасти,,. Но грешката е уште поголема во тоа што тие не се коцкести. Коцките се геометриски тела. Тие имаат три димензии. Она што го гледаме на дресовите од хрватските спортисти не се коцки. Тоа се квадрати. Ако веќе сакаат коментаторите да се изразуваат на таков начин, тогаш треба да велат – КВАДРАТЕСТИ, а не КОЦКЕСТИ. Разликата помеѓу коцка и квадрат е очевидна. Коцката е геометриско тело, а квадратот е геометриска слика.

Еве и една прилепска грешка. Биохемиска лабораторија. Одлични услуги. Љубезноста на вработените на највисоко можно ниво. На влезната врата забележавме една, не баш мала грешка. Пишува: ,,Др. Џоко,,. Кратенката за доктор треба да се пишува ,,д-р,, а не ,,др,,. ,,Др,, би се пишувало со значење – другар. А името на докторот гласи Ѓоко, а не Џоко. Рековме, ептен по прилепски.                                                                                                                                                 

Loading