НЕМА ПАРИ ЗА ФЕСТИВАЛОТ НА ГАЈДИТЕ

Nema pari z afestivalot Pece  Atanasovski

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој годинава одбележува 45 години од формирањето остана без финансии со годишната програма од Министерството за култура. Фестивалската управа е во шок.

-Не е за верување дека останавме без денар поддршка од Министерството за култура за јубилејното издание на Фестивалот. Ова е неверојатно за овој реномиран фестивал кој е институција и на кој се негува македонскиот фолкор и традиција – посочи Златко Лашкоски, секретар на Фестивалот.

Според него фестивалот со години ја негува изворната музика, не само македонската, туку и на сите заедници кои живеат во Македонија, вклучувајќи ги албанската, ромската, турската, бошњачката…

-Низ годините се редуцирал буџетот, но годинава без денар, нула. Грев е негувањето на изворниот фолклор и традиција – додава Лашкоски, потенцирајќи дека во последните години се одржуваат и семинари за изучување на изворните инструменти да се продолжи традицијата.

Од Фестивалот најава дека ако Министерството не додели финансиски средства, фестивалот ќе го одржат пред објектот на Министерството.

Намален е буџетот за другите културни институции. Заводот и Музеј доби 540 илјади денари за седум проекти. Најмногу средства, 250 илјади денари, има за етнолошко етнографската поставка ,,Животот низ традицијата и занаетите,,, потоа за хепенингот ,,New event – tention,, (90.000), за обновувањето на постојаната музејска поставка во Меморијалниот Музеј 11 Октомври (50.000), за конзерваторскиот проект за реконструкција на движни предмети од Врбјанска чука (50.000), проект за последниот прилепски иконописец Јован Атанасов Прилепчанин (10.000), за училиштата во музеите или музеите во училиштата (50.000) и за изложбата на книжни икони (40.000).

На НУЦК ,,Марко Цепенков,, му се одобрени 2,7 милиони денари за четири премиери – ,,Господа Глембаеви,, во режија на Бранко Брезовац, ,,Лажговци,, во режија на Коле Ангеловски, ,,Каменот,, во режија на Кристина Димитрова и ,,39 чекори,, во режија на Саша Нацевски. Од фолклорната и сценско музичката дејност ќе се следат концертите на КУД ,,Дримкол,,  од Вевчани  и на КУД ,,Илинден,, од Битола и работата на КУД ,,Моминок,,. Во музичко сценската дејност пари има за танц студиото Зодијак, за концертите на трио Долче, Трио Колегиум, на дуото Страшо Темков и Марија Вршкова, за настапот на МОБ, на балетското студио ,,Балерина,, и концертот на младинскиот хор ,,Св. Кирил и Методиј,, од Велес. И годинава е богата програмата за ликовна дејност. Одобрени се пари за колонијата Дрен и за 34 изложби, меѓу кои и на прилепските автори Александра Ацеска, Александра Богоеска, Давид Атанасоски, Емил Солески, Златко Крстевски, Жарко Башески, Марјан Стојаноски… Одобрени се средства и за печатење на списанието за литература, уметност и култура ,,Стремеж,, и за монографијата ,,70 години театар,,.

Ќе се финансира и МТФ ,,Војдан Черндорински,,, а Институтот за старословенска култура доби пари за истражувања на локалитетите Врбјанска чука и на Дрма Бадер, додека Здружението ,,Менелај,, за проектот Лазарки. Библиотеката ,,Борка Талески,, со пари од Министерството ќе ја издава книгата ,,Библиотекарството во Прилеп,, од д-р Наде Караџоска и за Тони Павлески, за книгата ,,Пред налетот на зборот,,. Државата ќе оддели пари за манифестацијата Мариовско мегленски културни средби и ќе финансира монографија за 35 годишнината на манифестацијата. Театарската работилница Прилеп доби финансии за деветтиот Поетски слем Македонија и за претставата ,,Лидија или сé што знам за жените,, во режија на Игор Трпчевски.  ЦСЛУ ќе биде поддржано за Уметничкото лето, а Општината за проектот ,,Делувај локално – Инспирирај глобално,,. Со државни пари ќе излагаат Катерина Деспот и Дарко Талески. Финансиска поддршка има и за концертот на Софија и Христина Никоски.

Loading