„ПИРЕЈ“ ЗА 69 ГОДИШНИНАТА

Театар „Војдан Чернодрински

Pirej za 69 g.teatar

В понеделник на 18 февруари од 19.30 часот со прикажувањето на претставата „Пиреј“ од Петре. М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, театарот ,,Војдан Чернодрински,, ќе одбележи 69 години од основањето. Завесата првпат се кренала на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата ,,Кир Јања,, од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Низ годините театарот  растел и се развивал. Прикажани се над 370 премиери, одиграни се над 7000 претстави кои ги гледале одолу 2 милиони луѓе. Меѓу претставите кои се за одбележување се  најгледаната ,,Солунски патрдии,, во режија на Коле Ангеловски, потоа ,,Од кол на кол,, исто во режија на Коле Ангеловски. Останале запаметени претставите ,,Силјан Штркот,, , ,,Кумови,, , ,,Собирен центар,, , ,,Туѓо сакаме свое не даваме,, , ,,Молам за секс,, , ,,Спиро Црне,, , ,,Колобан,, , ,,Арсениј,, , ,,Полковникот птица,, , ,,Опера за три гроша,,… Театарот е носител на бројни награди не само на фестивалот ,,Војдан Чернодрински,,, туку и на ,,Ристо Шишков,,, како и на ЕКСПОНТО во Љубљана, МЕСС во Сараево, на фестивалот на актерот во Никшиќ… Наградени се претставите ,,Тапани во ноќта,, , ,,Кавкаскиот круг со креда,, , ,,Змејовата невеста,, , ,,Клетници,, и др. Во годината кога се одбележуваат 69 години Театарот со поддршка на Министерството за култура ќе реализира четири премиери, а на редовниот репертоар се неколку претстави.

За годишнината публиката ќе ја проследи претставата за трагичната судбина на Јон и Велика, досега изведена над десетпати. ,,Пиреј,, е вонвременска и потресна приказна за неуништливоста на македонскиот народ и неговото страдање, во која играат Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Димитар Вандески, Цветанка Чавлеска, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески,  Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Александар Тодески, Виктор Мирчески и Давид Папазоски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на  Андреј Ѓоргиевски, а автор на музиката е Димитар Андоновски.

Loading