ДВЕ НЕДЕЛИ МОЖНО Е ДА СЕ НАДОМЕСТАТ

Ракомет: Суперлигашот Прилеп стартуваше со тренинзи

Првите четири првенствени меча ќе бидат како подготвителни

Prilep

Понеделникот беше ден кога конечно почнаа подготовките на ракометниот суперлигаш Прилеп, што зборува дека најдено е решение околу клупските обврски кон играчите. Во салата ,,Ричко,, тренерите Пеце Велјаноски и Тони Димоски имаа на располагање десетина првотимци, со верба дека бројката веќе наредните денови ќе се зголеми. Списокот е некаде од 17-18 ракометари. Има приклучено неколку младинци, а напролет нема да се смета на услугите од засилувањата: голманот Дарио Алушовски, бекот Кире Мачевалов и пивотот Петар Шушевски. Намерата е да им се даде шанса на домашните надежни ракометари.

Што се однесува до планот, цело време ќе се тренира во градов, а планирани се два – три пријателски натпревари. Во клубот сметаат дека двете недели загубени со доцнење на подготовките, можат да се надоместат. Во прилог оди распоредот: од 2 до 17 март се дуелите, дома со Еурофарм и Пелистер, на гости со Охрид и Пролет. Ривалите се фаворити и, според тоа, може да се влезе неоптоварено во игра, како на пријателски мечеви. Вистинските натпревари се дури потоа, кога ќе стартува плеј-аутот.

Прилеп ќе биде ослабен, но и со тој квалитет би требало да ја оствари скромната цел – опстанокот.

Loading