КОГА ЌЕ ТРГНЕМЕ ПО ВИСТИНСКАТА НАСОКА?

ivce1Интересно, но жалосно. И порано сме констатирале дека најбројните јазични грешки ги слушаме од највисоки интелектуалци, универзитетски професори, политичари. Несвесно, честопати и неодговорно, ги нарушуваат нормите на литературниот јазик. Декларативно, сите се мошне силно заинтересирани за македонскиот јазик, за идентитетот. Ќе приведеме неколку примери.

Контактните емисии на нашиве ТВ куќи се веќе редовна појава. Се јавуваат разно-разни личности. Зборуваат за темата, но често и застрануваат.  Сакаат да го кажат она што им лежи на срцето. Водителката некогаш само ги предупредува, а некогаш и ги прекинува. Се јави извесен господин кој зборуваше за сé и сешто, само не за конкретната тема. Водителката му се обраќа: ,,Ве молам усмерете се на темата,,. УСМЕРЕТЕ СЕ ! Зар не е срамота, водителката уште да не нема сфатено дека зборот ,,смер,, не е наш. Дека во македонскиот јазик тој збор гласи ,,насока,,. Според тоа нејзината опомена требаше да гласи ,,Ве молам, насочете се на темата,,. Можело тоа да се каже и на многу поинаков начин и со други зборови, но водителката го избрала токму тоа што не треба. Оваа грешка ја слушаме доста често и од други луѓе. Особено, за сообраќајните прописи. Најголем дел од нашиве луѓе велат – ,,двосмерна улица,, наместо ,,двонасочна улица,,. Слушаме и од обични граѓани, но често и од новинарите, коментаторите, политичарите. Во Бугарија, таму некаде на Пирин, била избегната трагедија. Наши скијачи паднале во бездна. Имало голема опасност да бидат затрупани со снежни лавини. Благодарение на ангажираноста на бугарските спасувачи, скијачите биле спасени, а со тоа е избегната голема трагедија. Презентерката на една наша ТВ известува: ,,Сите петорица наши скијачи биле во добра здравствена состојба,,. Формата ,,петорица,, е погрешна. Во нашиов јазик се вели – двајца, тројца, четворица . Оттука нагоре се – петмина, шестмина, седуммина и така натаму. И оваа грешка не е ретка. Сме слушале не само петорица, туку и седморица и деветорица.

Универзитетски професор објаснува нешто за извесен господин кој зборувал на определена тема и ги забезекнал слушателите. Господин професоре! И вие не ,,забезекнавте,, со употребата на овој збор. Зар не знаете дека тој не е наш. Земете го Речникот (српско – македонскиот) ќе видите дека – ЗАБЕЗЕКНУТИ, значи ВЧУДОВИДЕНОСТ. Белки нема да се вчудовидите кога ќе го прочитате тоа, но ќе видите дека ЗАБЕЗЕКНАТ значи ВЧУДОВИДЕН.

Како последна грешка што ќе ја одбележеме (можеби и најголема) ќе биде онаа на премиерот. Во едно излагање тој употреби една ваква реченица: ,,Да не оставаме трага на пренемагање,,. Досега не сме го чуле овој збор, или барем не сме го чуле вака, на ТВ, од видна личност. Чудно. Зошто премиерот го одбрал токму него. Зборот е српски. Значи, изнемоштување, истоштување, омалаксување. Од многу работа човек може да биде истоштен, изнемоштен, омалаксан. Но, тој збор може да значи и преправање, афектирање. Човек може да се преправа дека божем е истоштен од многу работа. Не знаеме на што мислел премиерот, но знаеме дека во нашиот јазик не треба да се употребува зборот – ПРЕНЕМЕГАЊЕ.

Loading