КНИГА ШТО МНОГУ КАЖУВА – БЕЗ ЗБОР

D.BaseskiДрагољуб Драги Башески пред промоција на „Шест децении карикатура“

Сместени на едно место се 220 ликови од разни области

Не поминаа ни две години од последна книга „Двапати хумор“, еве и нова. Толку плоден автор е Драгољуб Драги Башески. Претстојното изненадување се вика ,,Шест децении карикатура,,. Насловот навестува нова средба со хуморот, со смешната страна на животот.

-Книгата нема текст. Нацртани се околу 220 карикатури од сите области на живеењето. На нив се голем број луѓе кои сум ги цртал на разни места – спортски натпревари, средби, седници, состаноци, разговори. Пример: во Универзалната и салата ,,Македонија,, луѓето што седеа на клупите – лекарите, тренерите, играчите ги цртав уште тогаш. Тоа ме ,,хранеше,,, како човек којшто ја обожава карикатурата, бидејќи преку неа се изразува ликот на еден човек. Тоа не е слика како фотографија, ами карикатура со одредени изразени делови на лицето, телото. Фудбалер со топка, играч во воздух каде што ја чека да ја смири на гради, дриблинг, во одбојката смечувањето, во кошарката постигнување кош. Главно се поединци, но имам и колективна со сите фудбалери на Победа, објавена во ,,Скок,, и уште неколку весници – вели Башески.

Истакнатиот општествено-политички работник, новинар, сатиричар, истражувач на историски настани, спортски функционер, со карикатурите се дружи во детските години. Од 14-15 години пројавува желба да црта според техниките на неговиот покоен брат Мице, кој мајсторски го нацртал Тито од фотографија во весник, а и други политичари. За жал, ниедна од тие карикатури не е зачувана. Драги прво се обидува да црта како братот, подоцна се осамостојува. Од 1957 ги прецртува карикатурите од спортските и дневните весници во Југославија. Прилепски најпопуларни карикатуристи во тоа време се Живко Козар и Јово Ношпал. Нивни наследник е токму Драги.

Karikatura-За почит е творештвото на Козар. Меѓународно признат карикатурист. Ношпал беше карикатурист, новинар и професор. Тој е причината да се зафатам со цртање карикатури. На час посакав да го нацртам токму него – професорот по македонски, Ношпал. Додека тој испрашуваше, си ја потпрев ташната и на неа со креда ја цртав карикатурата со неговиот лик. Го нацртав убаво. Тој ме забележал. Се исплашив, сакав да го скријам нацртаното. Ми вели: Многу е убава карикатурава. Можам да се препознаам. Продолжи да црташ другари и пријатели и карикатурите да ги чуваш, за кога ќе бидеш возрасен да можеш изложба да направиш. Првата изложба ја имав во почетокот од шеесеттите – се сеќава Башески.

Меѓу најстарите карикатури поместени во книгата се А и Б репрезентациите на Југославија од педесеттите години, прецртувани во 1957 година од белградски Спорт, Фудбал и Нова Македонија. Ги прецртува од карикатури на љубљански, загрепски, титоградски, белградски карикатуристи. Црта нова верзија на карикатури.  И не само спортисти, туку и политичари, социјални работници, дами, интересни личности кои го свртуваат вниманието. Од политичарите во колекцијата му се американскиот претседател Реган, советскиот Брежњев, југословенскиот Тито. Него го има на неколку карикатури, кои се во книгата.

-Тито ми беше миленик. Го почитував, оти беше умен човек. На карикатурата ја истакнував неговата смиреност, еполети на двете рамења, смирениот поглед. Беше плод на неговиот ум. Задоволство беше, не само мое, туку и на многу југословенски карикатуристи, да се црта неговиот лик. Секој како што го чувствува. Карикатурата е од 1967 година, кога беше дојден во Прилеп. Како младински раководител – претседател на општинската и селската младина бев присутен во офицерскиот дом, каде тој се обраќаше кон највисоките републички и општински функционери. Седнав да го цртам. Не верувам дека ме забележа. Доволни ми беа тие минути оти цело време се поставуваше да можат фотографите од југословенските медиуми да го сликаат, камерите да го фатат… Бев задоволен од цртежот. Затоа до ден-денес ја дочував таа карикатура – со возбуда кажува за средбата со светскиот државник.

Башески и во зрели години е полн енергија. Уште неизлезена книгата ,,Шест децении карикатура,,  ја најавува наредната ,,Моите премрежиња,,.проект од автобиографски карактер.

Првата изложба – на картон

-Првата изложба ја поставив во стара Нама на еден картон од метар ипол на метар. Беа нацртани многу прилепчани, фудбалери, работници. Еден човек што ги одржуваше парковите го нацртав со капата и мустаќите големи. Сите можеа да се видат на излогот. Но, некој го извадил картонот и ги искинал карикатурите – жали за уништеното, Башески.

Loading