ПОБЕДА Е ВО ДОЈРАН

Фудбал: Втора фаза од подготовките

Одигран првиот тест-меч со Ренова

Pobeda

Најпрофесионалниот прилепски спортски колектив, фудбалскиот прволигаш Победа, веќе 17 дена е во тренажен процес. Тренерот Јане Николоски со помошниците Николче Здравески, Сребре Стефаноски и Дејан Кебакоски прво ја одработи првата фаза од подготовките во градов. Се тренираше и надвор, и в сала (во ОУ ,,Добре Јованоски,,), каде беше и првиот повеќестепен фитнес-тест. Од вчера во реализација е втората фаза во Дојран, дестинација која ќе важи за наредните 10 дена. Многу значајно е што нема отсутни, бидејќи бргу се приклучија Јаник Макота и Никола Јаќимовиќ, а уште од стартот тука се новите Благоја Љамчевски и Александар Ристевски. Кај играчите се очекуваат уште новини заклучно со преодниот рок до 11 февруари.

Во вторникот тргна серијата пријателски натпревари. Почетокот резултатски е успешен, бидејќи во Тетово извадено е реми (2-2) со Ренова, екипа со која долги години се негуваат пријателски односи. Стрелци за прилепскиот состав беа Танушев и Гешоски. Настапиле две постави, а првото издание може да се оцени позитивно. Наредниот меч е денеска во Дојран. Противник е силниот бугарски второлигаш Царско Село од Софија. Натаму следат: Брегалница (28 јануари), Кожуф (31 јануари), Тиквеш (3 февруари) и Пелистер (10 февруари). Останува можноста уште за еден пријателски дуел на 6 или 7 февруари.

Првенствената пролет официјално стартува на 17 февруари ,,дома,, со Беласица.

Loading