ПОНОРНИЦАТА ИЗВИРА И ПОНИРА

ivce1Интересна емисија. Двајца млади, момче и девојка, избираат определени предели, населени места или некои други реткости, нé водат и ни ги објаснуваат карактеристиките. Прекрасни предели. Водеа по долината на Радика и лево и десо од реката. Стануваше збор за селото Битуше и околината. Преубави пејзажи, реки и други нешта, преубав водопад. Водачите се задржуваат подолго на ова место. Момчето ги објаснува карактеристиките на водопадот. Вели дека е тоа, всушност, река понорница. Момчето стои токму на местото од каде што извира, блика вода од планинската река. Велиме, момчето стои токму на местото од каде што извира реката и вели: ,,Оваа река понира токму од ова место,,. Ги помешал работите. Ние гледаме како блика вода од изворот, тече по мошне стрмниот терен и некаде, долу, се губи, понира. Дали тоа беше само случајна грешка или пак момчето не прави разлика, не знае што е извирање а што е понирање. Рековме, стои на местото од изворот а вели дека токму тука понира реката!

Слушнаме вести на извесна ТВ дека гробот на Есма Реџепова бил сосема запуштен, а просторот околу обраснат со коров. По неколку дена беше покажана слика од односниот гроб. Сега веќе сосема поинаку. Прекрасен споменик. Го заслужува тоа Есма. Но, нашето невнимание присутно и овде. На убавата, бела плоча пишува: ,,Споменикот го подига Влада на Република Македонија,,. Именката ,,влада,, неопходно е да биде членувана. Не е тоа некојаси влада. Се знае дека тоа го направила Владата на Република Македонија. Именката е определена и мора да биде членувана. И со глаголот ,,подига,, нешто не е во ред. Напишан е во несвршена форма – ,,подига,,. Се добива впечаток дека Владата постојано, непрекинато го подига споменикот. Реченицата можела да биде сосема поинаку конструирана. Нема да наведуваме некаков пример, зашто постојат или можат да постојат многу варијанти. Можело да се напише и со други зборови. Вака, како што е напишано, изразот останува малку несмасен.

Уште еден крајно испомешан израз. Новинарката разговара со Министерот за здравство. Го прашува: ,,Колку годишно луѓе умираат,,? Зборовите не си ги нашле своите места. Зар не можело прашањето да гласи: ,,Колку луѓе умираат годишно,,? Или можеби – ,,Годишно, колку луѓе умираат,,? Можело да се постави прашањето и поинаку, но вака како што е поставено изгледа навистина доста испомешано.

Емисија што не ја затекнавме од почеток. Стануваше збор за некаква црква. Говорителот не го гледавме туку само го слушавме, а пред нас се редеа разни фрески. Женски беше гласот. По се изгледа беше некоја кустос од некој музеј. Објаснуваше пошироко за убавината и за вредностите на  фреските. Пред нас гледаме, на екранот голема фреска, а госпоѓата објаснува и вели: ,,Ова е попрсјето на Данаил,,. Не збуни зборот – ПОПРСЈЕ. Тоа е српски збор. Зборот ПРСА кај нас е ГРАДИ. Од таа именка (прса) произведена е и именката ПОПРСЈЕ. Значи, на сликата се претставени градите, главата, рамениците. Во вајарството тоа се вика БИСТА. Би можело да се употреби и во сликарството, токму таму каде што се претставени само градите, главите и рамениците. Тоа е слика која што го претставува човечкото тело од половината нагоре. Може и на поинаков начин да се објасни што претставува односната фреска, но во никаков случај не смее да се употреби зборот – ПОПРСЈЕ.

Loading