ВО ФОКУСОТ МАНАСТИРИТЕ ТРЕСКАВЕЦ, ЗРЗЕ, МАНАСТИР

Завод и Музеј

Treskavec

Заводот и Музеј Прилеп годинава ќе се фокусира на реализација на неколку капитални проекти како што се манастирот Трескавец, црквата Свети Никола во село Манастир Мариово, како и црквите во Зрзе.

Се очекува до крајот на мај после 5 години работа да биде завршена обновата на конаци на манастирот Трескавец кои изгореа во 2013 година. По завршувањето на сите градежни работи манастирот  ќе биде заштитен според сите најсовремени стандарди за заштита од пожар. Поставен е громобран со голем капацитет, конаците ќе бидат заштитени со мрежа на хидранти со вода, а ќе биде поставена и мрежа на посебен гас за гаснење на пожари. Ќе има индуктори во секоја просторија кои ќе сигнализираат доколку се појави пожар за да се вклучи системот. Од Заводот и Музеј се надеваат дека ќе се започне и со заштита на црквата која е во катастрофална состојба. Паралелно, се работи на истражувачки активности, на архитектурата и на живописот, на црквата, магерницата и трпезаријата, односно се изработуваат проекти.

Планирани се и активности за препокривање и заштита на црквата Свети Никола во манастирот во село Манастир во Мариово, која е стара скоро 750 години, која моментално е во многу лоша состојба. Предвидено е и поставување на под во црквата за што е изработен проект. Во фокусот ќе бидат и двете цркви во Зрзе, манастирската и селската.

Напоредно ќе се работело и на реконструкцијата на споменикот „Илинден” во Крушево.

Loading