ПРИЈАТНИ РАЗГОВОРИ ЗА НЕПРИЈАТНА ТЕМА

ivce1-Ало! Телефонската централа на Владата?

-Да, повелете – се јавува женски глас.

-Ве молам, дали можам да добијам некој од лекторите?

-Чекајте прво да видам дали има лектори во Владата – вели госпоѓата.

-Ве молам, не е можно Владата да нема лектор.

-Добро, добро… причекајте малку… причекајте, Ве молам. Причекајте… ме слушате ли? – вели госпоѓата.

Телефонот ѕвони. Чекаме. Телефонот подолго ѕвони. Најпосле слушаме љубезен женски глас:

-Да, повелете!

-Ве молам, сакам да разговарам со некој од лекторите – велиме.

-Зборувајте господине. На вистинското место сте.     

-Видете, сакам да направам една забелешка за една голема јазична грешка што ја слушаме. Станува збор за амандманите, оние за измени во Уставот. Слушаме, а и читаме. На екранот ги гледаме и страниците од Уставот, зумирани. Пишува дека РЕПУБЛИКАТА ќе се грижи за Македонците во дијаспората. Се повторува повеќепати, во повеќе членови дека РЕПУБЛИКАТА ќе се грижи за ова, ќе се грижи за она и така натаму. Мислам дека се согласувате оти е тоа голема грешка. Зборот РЕПУБЛИКА го означува само општественото уредување на земјата. Треба да стои дека ДРЖАВАТА ќе се грижи…, а не РЕПУБЛИКАТА.

-Да, господине, точна ви е забелешката. Така е како што велите – вели лекторката.

-А тогаш зошто сте допуштиле таква грешка? Текстот што го читаме, а тоа се страници и членови од Уставот, доаѓа од Владата!

-Точно е господине – додава лекторката. – Но јас тој текст не сум го видела, никој не ми го дал да го лекторирам.

-Како е тоа можно? – инсистираме. – Тој текст ќе биде составен дел на Уставот, не може да помине нелекториран.

-Се согласувам господине, но така е. Јас тој текст не сум го видела. Јавете се во Собранието – сугерира лекторката.

-Ќе се јавиме- – велиме! – Сепак, предлогот е од Владата и текстот произлегува оттаму. Но, добро! Ќе се јавиме.

-Ало, Собранието на Република Македонија?

-Да, повелете – слушаме женски глас.

-Извинете, се јавуваме од Прилеп поради некоја голема грешка!

-Е, одлично, одговара лекторката шеговито. – И јас сум прилепчанка, ќе се разбереме.

-Знаете, се јавивме и во Владата. Вашата колешка нé упати кај Вас.

-Добро, добро! Во што е работата – прашува љубезно лекторката.

-Па, сигурно сте читале и сте слушнале за некои од уставните амандмани. На многу места, во многу членови пишува дека РЕПУБЛИКАТА ќе се грижи за тоа и тоа. Не мислите ли дека наместо зборот РЕПУБЛИКАТА треба да стои ДРЖАВАТА? Замислете, Холандија е Кралство. Ако се вршат таму некои измени во Уставот, сигурно нема да речат дека КРАЛСТВОТО ќе се грижи, туку ќе се грижи ДРЖАВАТА.

-Сосема точно господине – се согласува лекторката. – Се борам и јас со такви проблеми. Но, тешко оди. Сама сум. Си заминаа доста лектори. Некои во пензија, некои на друго место. Сама сум – се жали лекторката.

-Верувам дека ќе се согласите, срамота ќе биде ако во Уставот пишува РЕПУБЛИКАТА наместо ДРЖАВАТА. Претпоставувам од каде е коренот на проблемот. Додека постоеше Југославија, тоа беше државата, а федералните единици ги викавме Републики. И Републиките си имаа свој Устав. Најверојатно во тој Устав стоело така, дека РЕПУБЛИКАТА ќе се грижи, ќе прави и така натаму. Кога се осамостои Македонија, уставотворците го зеле како ,,урнек,, Републичкиот Устав и според него го пишувале новиот. Но не го зеле предвид фактот дека сега Македонија е суверена држава, со републиканско уредување. Заборавиле дека во тој Устав треба да пишува ДРЖАВАТА ќе се грижи за тоа и тоа, а не РЕПУБЛИКАТА.

-Сосема се согласувам господине. Сосема точно е тоа што го зборувате – одговара лекторката. – Но… еве, ситуацијата е таква. Јавувајте се и другпат. Укажувајте на евентуални грешки.

Заврши разговорот. Два пријатни разговора за една многу непријатна тема.

Господа политичари, од најнизок до највисок ранг. Ќе ни се смее светот ако во членовите на Уставот стои ,,РЕПУБЛИКАТА ќе се грижи,, за тоа и тоа или ако слушаме Претседателот на РЕПУБЛИКАТА, наместо на ДРЖАВАТА .

Дали ќе почне да се мисли и за јазикот? Или ова ќе биде уште еден ЛЕЛЕК на некој занесеник?

П.С. Откако завршивме со написов, гледаме емисија на Собранискиот канал. Се зборува за тоа како работи Собранието. Какви се процедурите. Безбројпати чувме ,,Претседателот на Републиката,,, ,,Предлог на закон,, наместо ,,Предлог-закон,, и што уште не! Напред Македонијо!         

Loading