УБИЛАЧКА ПОЛИТИКА!

ivce1Пак оттаму. Пак од највисоките кругови. Таму е најсилниот извор на јазични грешки. А од кого треба да го учиме јазикот, ние, обичните луѓе? Кој треба најдобро да го владее литературниот јазик? Нашиот јазик! Еве, слушаме излагање на личност од највисокиот крем. Долгогодишен политичар. Универзитетски професор. Зборува со доста критичен тон за друг политичар. Со него не се согласувал. Вели дека погрешен бил патот по кој се движел тој политичар. Вели дека неговата политика била самоубилачка. САМОУБИЛАЧКА! Професоре! Именката гласи УБИСТВО. Тоа сигурно го знаете. Сигурно знаете дека ако некој сака да си го одземе животот, тоа е САМОУБИСТВО. Еве, сега треба да знаете дека македонската придавка ќе гласи САМОУБИСТВЕНА, а не САМОУБИЛАЧКА. Политиката што, евентуално, ја води човекот за кого зборувате може да биде САМОУБИСТВЕНА, а не САМОУБИЛАЧКА.

Друг случај! Пак од висок функционер. Министер. Тој зборува за извесен проблем кој треба да се реши. Вели дека ќе ги имал предвид сите алтернативи, кои му стоеле на располагање. За ова сме се изјаснувале повеќепати. Но, еве, господин министерот не принуди да го изразиме уште еднаш своето чудење! Зошто не знаат луѓето, особено оние, високите интелектуалци, дека алтернатива може да постои само една, а не повеќе. Ако министерот треба да го решава извесниот проблем на определен начин, но ако тоа не е баш успешно, може да има алтернатива. Друг начин. Алтернативата е всушност двојност – или така или вака, нема трето. А ако постојат повеќе начини за решавање, тогаш тоа се можности, варијанти, а не алтернативи. Латинскиот израз Алтер его значи второто човеково јас. Не постои трето, четврто или којзнае колку. Алтернативата е наизменичност – или едното или другото. Но, министерот вели дека ќе ги користел сите алтернативи. Чудно!

Преводите на ТВ филмови и серии, се жална приказна. Тие се институции каде што треба со посебно внимание да се користи македонскиот јазик. Институции со лектори. Има и квалификувани преведувачи кои добро го познаваат јазикот од кој преведуваат, но и јазикот на кој преведуваат. Во овој случај македонскиот јазик. Освен тоа, тој текст го говорат школувани актери. А јазикот…? Овојпат ќе набележиме само една грешка. Крупна! ТВ филм. Тонски превод. Слушаме реплика: ,,Ти мене ми претиш,,. Следува одговор: ,,Да јас тебе ти претам,,. Еве, ги споменавме преведувачите, лекторите, актерите и никој од нив не знае дека во македонскиот јазик не постои зборот (глагол) – ,,прети,,. Ниту именка ,,претња,,. Кај нас тоа е ,,закана,,. Некој на некого може да му се ЗАКАНУВА, а не да му ПРЕТИ. Но, на овие луѓе не им се заканува никаква опасност за јазичните грешки. Тие не одговараат пред никого. Никој не им може ништо. Поточно, тоа никого не го интересира. Не постојат (како да не постојат) компетентни институции. Давачки, казни, даноци! Ех, кога би постоел данок за направени јазични грешки!

Пристигнал во Македонија висок гостин од Америка. Се сретнал со министерот за надворешни работи. Му рекол: ,,Одамна не сме се виделе,,. Известува новинарката и вели дека американскиот гостин му го порачал тоа на министерот низ шала. ШАЛА! Госпоѓо новинар, тој збор на македонски гласи ШЕГА, а не ШАЛА. Зар уште тоа не го научивте?

Извесна госпоѓа се јавува на водителката во една контактна емисија. Разговорот завршува. Се поздравуваат. Водителката вели: ,,Убаво нешто да ви се случи и на Вас,,. Не ,,на Вас,, госпоѓо водител. ,,Убаво нешто да ви се случи и Вам,,. ВАМ, а не НА ВАС! Грижата за јазикот треба да ни биде голема на сите НАМ (не на нас).

Loading