АКЦИИ ОД ШПАНСКА ЛИГА

Фудбал: Победа станува тим каков што го сакаме

-За 15 минути 7 стонастотни шанси и еден гол со Ренова

Pobeda

Петтото прволигашко фудбалско коло донесе минимален триумф од 1-0 на Победа над Ренова во Битола. Покрај трите бода, многу е важно што беше прикажана најдобрата игра есенва. Како првите 15 минути, не сме виделе игра многу години. Победа, каква сакаме да ја гледаме. Акции се редеа небаре во шпанската лига – брзи, на прва топка, во завршницата со зицер. Атаци, агресија од која противникот не можеше да се одбрани. Не само крилните напаѓачи Нвабуезе и Макота. Сите беа разиграни во екипата. Штета што извонредниот голман Кобетиќ четирипати одбрани, еднаш беше погодена стативата, еднаш шутот заврши настрана, но единствениот гол на Мустафов беше доволен за победа.

-Повеќе од заслужена победа и освоени три бода. Тоа е многу значајно. Отворивме агресивно и можеме да жалиме што во раната фаза не постигнавме барем уште еден до два гола. Задоволен сум од фудбалерите. Одиграа како што се договоривме. Немам забелешки. Ренова е квалитетен тим, но успеавме да ја неутрализираме. Многу важен успех. Храбро одиме на победа од меч во меч со сите противници – изјави Тони Мегленски, тренерот.

Совладан е ривал, вторпат во низа, со кој претходно билансот беше негативен –  3 нерешени и 4 порази. Се сврти нова страница. Вербата во екипата е голема и многу се очекува од следните натпревари.

Во неделата настапија: Тофилоски – Спиркоски, Јаќимовиш, Драгарски, Исаевски – Маркоски, Ј. Наумоски (64. Мандиќ), Мустафов – Ефремов (56. Тимовски), Нвабуезе, Макота (82. Гешоски).

Наредниот натпревар е можност за приближување до врвот од табелата. Победа игра пак дома (во Битола), со лидерот, Академија Пандев. Со нови три бода можен е скок, односно бодовно израмнување со третопласираниот на табелата од Првата лига.

Табела: Академија Пандев 12, Шкендија и Вардар 11, Работнички 9, Победа 8, Силекс 5, Ренова 4, Македонија ЃП 3, Шкупи и Беласица 2.

Шанса во Купот

Екипата на Победа отворено ги најави амбициите да стигне подалеку во најмасовното натпреварување – Купот. Затоа тука се големите очекувања од навивачите. Во средата се одигра првиот осминафинален меч, кај второлигашот Гостивар (1-2), така што извесни се шансите за реваншот. Возвратниот натпревар е закажан за 3 октомври.

Во првото коло Победа со 1-2 победи во Струга.

Loading