„ВЕТУВАЊЕ ПРЕД ГОСПОД“ СО СИМФОНИСКИОТ ОРКЕСТАР

Виолистот Љупчо Трајаноски во Талин

Otvoreni vrati za nastapi na  Trajanoski niz Evropa

Со многу емоции, виолистот Љупчо Трајаноски се врати од Талин, Естонија, каде учествуваше како солист на Интернационалниот музички фестивал, како претставник од Македонија. Стекнал многу пријатели, а настапил со одлични музичари од различни земји, со кои ја делел сцената на повеќето концерти.

Вели дека музиката е апстрактна уметност, која овозможува со полни гради да се вдишат убавините на еден поинаков свет, да осознаете многу нови нешта, откривајќи нови видици и хоризонти.

– Се запознав со врвни музичари, професионалци, композитори, меѓу кои и мојот ценет диригент, маестро Роберт Бутс, за кого фестивалот исполни  неверојатни и незаборавни мигови. Работејќи со талентирани млади уметници, имавме можност да создадеме толку многу музика. Нема зборови  да се опише прекрасното чувството – вели Трајаноски.

Во гудачкиот камерен оркестар свиреле композиции од Моцарт, Верди, Росини, Пиацола, АрвоПарт и многу други, додека магични анимирани уметнички дела од Ван Гог, Монте и Климт, во проекција со опкружувачки видео-снимки и целосен мултимедијален ефект, вртеле околу, оставајќи впечаток како патување низ вечноста, низ универзумот.

– Ми беше чест да свирам со истакнатиот пијанист од Москва, Михаел Буљичев – Оксер, во црквата во Хелсинки, Финска. Мирисот на морето ме поттикна да ја земам виолата в раце и уживајќи со сите сетила во глетката, со голем интензитет на емоции, го отсвирив Ноктурнотово д-мол од Чајковски. Тоа беше убав разговор со Балтичкото море. Музиката е најсигурно засолниште од животните драми. Предизвикот на еден музичар е како да ја поттикнеме публиката да дојде на нашиот концерт, наспроти тоа, како да ја освоиме да биде присутна и на нашата следна изведба. Пред крајот на престојот во Талин, следуваше финалниот настап, мојот концерт како солист со симфониски оркестар во салата на Естонска филхармонија. Беше неверојатно искуство со претставата со делото на ,,Ветување пред Господ,, – завршува Трајаноски.

Настаните предизвикувале силни чувства со тенденција да се паметат долго, оти изведувачот преку сопствената емоција раскажува приказна која допира и го предивикува слушателот.

Loading