ПЕЧАТ (именка) – ПЕЧАТИ (именка и глагол)

ivce1Одамна сме пишувале за грешка што ја читаме или ја слушаме. Колку пати сме прочитале дека на програмата следува ,,Игран филм,,. Грешката е направена одамна и никој и не помислува за евентуална корекција. Погрешиле нашите лингвисти. Србите велат ,,Играни филм,,, но нашиве луѓе помислиле дека придавката ,,играни,, доаѓа од глаголот ,,играти,,, па зеле и кај нас така да го адаптираат и од глаголот ” игра ,,(тој игра) направиле ,,Игран филм,,. Тоа има сосема поинакво значење. Тоа покажува дека филмот е игран (одигран) и веќе го нема. Основата не е глаголот ,игра,,, туку именката ,,игра,, – филм игра. Затоа и филмот ќе биде ,,игрен,,, а не ,,игран,,. Нема повеќе да должиме за овој проблем.

Се случува и уште една слична грешка. На секоја отпечатена книга на последната страница, освен името на авторот, евентуалниот преведувач и така натаму, напишани се и имињата на други соработници. Обично, пишува и тоа, каде, во која печатница е отпечатена книгата. И тука се тргнало по погрешен пат. Се тргнало по српскиот модел, но погрешно протолкуван. Пред себе зедовме извесен број книги (по случаен избор) да направиме споредба. Првата книга в раце е Андре Жид – ,,Тесна врата,,. На српски јазик е книгата. На последната страница, освен авторот и другите соработници, пишува и: ШТАМПА – ,,Београдски графички завод,,. Ете тој збор ШТАМПА, ја прави забуната. Во српскиот јазик тој понекогаш е и глагол (штампати – ја штампам, он штампа), но понекогаш е именка. На пример, за сите весници и списанија по трафиките се вели – ШТАМПА. Кај нас тоа е ПЕЧАТ. Штампарија е печатница. Нема сомнеж дека зборот ПЕЧАТ во нашиот јазик е именка. Имаме – ,,сито печат,,,  имаме ,жолт печат,,. Тоа е во ред. Но, српскиот збор ,,штампа,, напишан на книгите, нашиве луѓе го зеле, помислиле дека е глагол. Затоа на многу наши книги не пишува ПЕЧАТ (именка), туку ПЕЧАТИ (глагол). Ќе земеме пример од книга на извесен прилепски автор. На последната страница, меѓу другото пишува – ПЕЧАТИ: ,,Растер – ком,, Прилеп. На прилепското списание за литература, култура и уметност ,,Стремеж,, пишува: ПЕЧАТИ: МНП ,,Растер,, Прилеп. На малата книшка ,,Автори и дела,, од Васил Дрвошанов пишува: Печат: НИП ,,Нова Македонија,,. Еве, ова е сосема точно. Од ова разбираме која е институцијата што извршила печат. Зборот ПЕЧАТ е овде именка, како што во српските книги пишува – ШТАМПА.

Кога би пишувало, како што е во многу книги – ,,печати,,, во тој случај луѓето мислат погрешно дека е тоа глагол. Во овој случај, да речеме, тој би бил во сегашно време (тој или таа печати) и покажува дејство кое уште трае. А не е така. Книгата е веќе готова. Може тоа да биде напишано и на друг (правилен) начин. Еве ја пред нас книгата на Достоевски – ,,Неточка Незванова,,, во превод на Рада Угринова – Скаловска. Таму пишува, едноставно – Печатница ,,Нова Македонија,,. Сосема е јасно дека печатот е извршен тука. Сосема се исфрла недоумицата ,,печат,, или ,,печати,,, дали станува збор за глагол или за именка. Еве го романот ,,Процес,, од Франц Кавка во превод на Тодор Димитровски. И таму е напишано сосема едноставно – Графички завод ,,Гоце Делчев,, Скопје. Сме сретнале и друг начин, исто така правилен. Сме сретнале да пишува: Книгата е отпечатена во таа и таа печатница.

Овде, пред нас се најде и извесниот – АТЛАС НА РЕЛИГИИ. Се разбира, на македонски јазик, а пишува – ПЕЧАТЕНО во Шпанија 2005 год. Се добива впечаток дека се избегнува зборот ,,штампа,, преведен како ,,печат, или како ,,печати,,. Ако веќе мора токму тој збор да се употреби, треба да гласи – ПЕЧАТ, а не ПЕЧАТИ. Многумина, во многу книги или списанија, погрешно поведени од српскиот збор ,,штампа,, – пишуваат ,,печати,,. Грешка од невнимание, од недоволно размислуање. Но… својствено ни е тоа. 

Loading