БУТОВИ, А НЕ БУТИНИ

ivce1На екранот од ,,Кабелнет,, се врти редовно некакво известување за корисниците. Една реченица од известувањето гласи вака: ,,Обавезно земете една месечна сметка во која се евидентирани сите ваши податоци поврзани со претплатничкиот договор,,. Се јавува и некаква реклама која е излепена и на големи билборди низ градот. Таа гласи: ,,Почуствувај ја слободата,,.

Најпрво за зборот ,,обавезно,,. Драги наши од ,,Кабелнет,,, во македонскиот јазик не постои именка ,,обавеза,,. Кај нас тоа е ,,обврска,,. Затоа не е можна ниту придавката ,,обавезно,,. Според тоа, нашиот збор би бил ОБВРЗНО, но бидејќи тој збор е малку запорничав за изговарање. Најдобро е да се рече ЗАДОЛЖИТЕЛНО. ОБАВЕЗНО не е наш збор. Рекламата -,,Почуствувај ја слободата,,! Именката е ЧУВСТВО, со ,,В,, а не ЧУСТВО. Премногу слободно е ја чувствувате слободата. Во јазикот постојат правила и норми. Таму не важи никаква СЛОБОДА. Не може кој како сака и како ќе му текне. Тоа е веќе СЛОБОДИЈА, а не СЛОБОДА.

Ги следиме вестите на ТВ Канал 5. Известени сме дека била откриена некаква криминална група. Презентерот вели: ,,Откриена групата што харала во Скопје,,. Преовладува извесно мислење дека таа телевизија е најгледана во последно време. Но, колку повеќе гледаме, толку повеќе грешки забележуваме. И од презентерите и од новинарите, а и од текстот што го читаме долу на екранот. Во моментов ни го сврте вниманието глаголот – ХАРА. Неколкупати презентерот повтори дека била откриена групата што ХАРАЛА во Скопје. Текстот е напишан, а не е некое слободно искажување. Текстовите од вестите се лекторирани, или барем треба да бидат лекторирани. Забележуваме грешка и од презентерот, и од лекторот. Зборот (глаголот) ХАРА го нема во нашиот јазик. Во некое слободно искажување, да речеме, дека може да се провлече слична грешка. Но, во напишан текст тоа не смее никако. Групата што ,,харала,, во Скопје, нејзините членови, биле криминалци, крадци. Бидејќи тие извршувале многу кражби, многу криминални дејства, нормално е да се бара посоодветен, поточен збор за таквото дејство. Што правеле тие? Вршеле грабеж, пљачкосувале, ограбувале. Но, ете, на нашиве луѓе полесно им е да си позајмат збор од српскиот јазик, отколку да побараат соодветен израз во нашиот.

Тој збор (хараат) во српскиот јазик може да се употреби и со малку поианкво значење, да речеме за масовна појава на некаква болест. Но, како и да е, ако се појави таква потреба, треба секогаш да си бараме израз во нашиот јазик. За групата што ,,харала,, во Скопје имаме зборови со слично значење, како што рековме – ПЉАЧКОСУВАЊЕ, ОГРАБУВАЊЕ. Ако не можеме да најдеме, тогаш може и описно, со други зборови.

Извесна фирма рекламира некои производи, некакви средства со кои можело да се намалат мастите на колковите и бутините. Ете така! КОЛКОВИТЕ и БУТИНИТЕ. Во македонскиот јазик, едносложните именки во множинската форма имаат наставка ,,ови,,, а не ,,ини,,. Постојат извесни исклучоци, но тие се ретки. И именката КОЛК и именката БУТ се едносложни. Ако КОЛК во множина ќе биде КОЛКОВИ, тогаш БУТ треба да биде БУТОВИ, а не БУТИНИ. Постојат многу примери: КРТ – КРТОВИ, ПОП – ПОПОВИ, ЌУП – ЌУПОВИ и многу такви. Значи. како што се КОЛКОВИ. треба да гласи и БУТОВИ. Аугментативната форма – БУТИШТА.                                                                                                

Loading