СЕ ГОРДЕЕМЕ СО НЕШТО, НЕ НА НЕШТО

ivce1Познат новинар. Главен и одговорен уредник на најтиражниот дневен весник. Во својата дежурна статија пишува за проблематиката со нашиот јазик, со нашето име и со нашиот идентитет. Во ТВ емисија објаснува некоја своја колумна. Вели дека признава оти тогаш бил строго против менување на Уставот, а со тоа и промена на нашето име. Се расколебал зашто согледал дека не постои алтернатива. Нешто мора да се направи, некаков компромис. Заев и Ципрас направиле некаков договор. Верува новинарот дека тоа ќе заврши добро за Македонија. Ккога ќе се имплементира Договорот, ќе имало: ,,Повуци – потегни,,. Се штрекнува човек кога ќе чуе вакво нешто. Искусен новинар, уредник на весник, колумнист, интелектуалец. Јазикот не се брани со суви декларации. Се брани исклучиво со правилна употреба. Вџашува податокот кога ќе се чуе од ваков човек, вакво нешто – ПОВУЦИ – ПОТЕГНИ. Кога треба да се употреби туѓа поговорка, синтагма, израз, тогаш се бара такво нешто слично во нашиот јазик. Ако веќе нема, тогаш неопходно е да се преведе или да се објасни некако, описно. А има ли во нашиот јазик таков израз, со такво значење? Најверојатно! Можеби можело да се рече дека ќе има: ,,Држ – не дај,,, можеби: ,,А бре – де бре,,. Ако се сака малку поколоритно изразување, можеби би можело и: ,,Трт – мрт,,. Сигурно може и поинаку, сигурно постои некој поточен израз. Ако не може да се сети во тој момент, може да се каже тоа со други зборови. Но, никако не – ПОВУЦИ  – ПОТЕГНИ. Особено не од човек на кого му е должност да го знае убаво македонскиот јазик (својот јазик). И да го применува, не само да го знае.

Еве и друг интелектуалец. Сé јунак до јунака. Поранешен политичар, поранешен амбасадор. Еве една негова реченица: ,,Заев и Ципрас покажаа визија и храброст. Тие со својата одважност ја менуваат сликата за балканските политичари,,. Ова го цитираме само поради зборот – ОДВАЖНОСТ. Сме се искажувале и порано за тоа. Се прашуваме, што им стана на нашиве политичари, новинари, интелектуалци, што толку често го користат овој збор кој го нема во нашиот јазик. Односниот господин вели дека Заев и Ципрас покажале храброст со својата ОДВАЖНОСТ. Зошто тој не знае дека ОДВАЖНОСТ, всушност значи ХРАБРОСТ. Колкупати сме слушале дека за некоја работа требало ОДВАЖНОСТ. Зошто не ХРАБРОСТ, или не СМЕЛОСТ? Колкупати сме слушнале дека некој се ОДВАЖИЛ наместо се охрабрил, се осмелил. Се ОДВАЖИЛ, би можело, евентуално да се рече за некој кој бил важен, па се одважил. Како некој кој бил женет, па се одженил. Го нема тој збор во нашиот јазик и не е внесен во ниеден наш речник. Господинот за кого зборуваме (поранешен амбасадор) прави во својот исказ уште една несмасна грешка. Во еден момент тој вели: ,,Сега на нив треба да им се препушти работата,,. Реченицата треба да гласи: ,,Сега ним треба да им се препушти работата,,, а не НА НИВ, како што вели господинот. Зошто овие луѓе не знаат дека не го знаат добро својот јазик. Зошто не се обидуваат да консултираат одредени речници, и разни други помагала.

Еве пак човек од ,,високото,, општество. Портпарол на Владата. Покрај сите обврски должен е да го знае и јазикот. Зборува тој, информира за некакво решение на Владата. Вели: ,,Владата е горда на ова решение,,. Истата грешка ја слушнавме и од страна на премиерот. Го направи тоа во говорот при потпишувањето договор со Грција. Претпоставуваме дека неговиот текст е лекториран. Често ја слушаме оваа грешка. Човек, или во случајов Владата, може да биде горд СО нешто, а не НА нешто. За жал, мораме да признаеме дека не можеме да бидеме горди СО познавањето на јазикот.

Накусо! Човек се гордее СО нешто, а не НА нешто!

Loading