СЛЕДИ ИЛИ ПРИДРУЖУВА, А НЕ ПРАТИ

ivce1Едни од најкарактеристичните белези во нашиот јазик се акцентот и синтаксата. За акцентот се знае. На двосложните зборови тој паѓа на првиот слог однапред. На трисложните и повеќесложните зборови паѓа на третиот слог, броејќи одназад. Кај нас сега е каша-попара. Особено кај политичарите. И кај другите, но тие ни се редовни гости на малите екрани. Во врска со синтаксата, ситуацијата е уште поизмешана. Синтаксата се однесува на распоредот на зборовите во речениците. Ќе се задржиме сега на некои грешки што се прават во прашалните реченици. Редовни, секојдневни и со крајна неодговорност. Ќе земеме само два примера. Млад научник добил награда. Новинарката го прашува: ,,Што за вас како млад научник, значи оваа награда,,? Прашалниот збор (што) треба да биде врзан со глаголот, односно глаголот треба да биде веднаш до него. А јасно се гледа колку се далеку еден од друг. Реченицата треба да гласи – ,,Што значи за вас оваа награда, како млад научник,,? Или: ,,Што значи за вас, како млад научник, оваа награда,,? Но, прашалниот збор “што” и глаголот (во овој случај) ,,значИ,, треба да бидат еднододруго. Вториот пример (на Радио Скопје) – ,,Колку, според вас, медиумите го негуваат литературниот јазик,,? Правилно: ,,Колку го негуваат медиумите, според вас, македонскиот литературен јазик,,. Или – ,,Колку го негуваат медиумите македонскиот литературен јазик, според вас,,? Глаголот ,,негуваат,, треба да дојде веднаш по прашалниот збор ,,колку,,. Се гледа дека меѓу нив може да се најде само некое кратко зборче, кратка заменска форма, како што е во случајов – ,,го,,.

Овие грешки се прават од немислење и од буквално преведување од српскиот јазик. Србите би рекле: ,,Шта ти хоќеш да једеш,,? А нашиве преведувачи (и не само тие) велат – ,,Што ти сакаш да јадеш,,? Правилното е – ,,Што сакаш ти да јадеш,,? Или ,,Што сакаш да јадеш ти,,? Значи прашалниот збор па потоа глаголот, а меѓу нив само кратко зборче, личната заменка ,,ти,,. Ваквите грешно конструирани реченици ги слушаме редовно на телевизиите или пак напишани на екранот. За голема жал, сме ги среќавале и во литературни текстови.

А сега за една грешка што загрижува. Загрижува од повеќе причини. Еве, прво ќе ја одбележиме, па потоа ќе прокоментираме. Завршуваат вестите на една ТВ. Презентерот не поздравува, се разбирам со погрешен поздрав (,,Имајте пријатна вечер,,), но сега ќе го оставиме тоа. На самоти крај вели: ,,Пратете не на нашиот ВЕБ портал,,. ПРАТЕТЕ не. Глаголот ПРАТИ кај нас значи дека некој треба да прати нешто. Да прати писмо, да прати порака, да го прати детето на училиште. Српскиот глагол ,,пратити,, има сосема друго значење. Тој се преведува на два начина – ,,следи,, и ,,придружува,,. Студентот ја следи (не ја прати) наставата. Оркестарот го придружува (не го прати) пејачот. Таквата грешка ја слушаме мошне често. Велиме дека загрижува од повеќе причини. Прво е тоа што тој глагол непотребно навлегува од српскиот јазик со поинаква (погрешна) употреба. Второто што загрижува е тоа што презентер на една телевизија се уште не го научил тоа. Никогаш и не се обидел да пребара нешто, да погледне во речниците. Никаде нема да го најде глаголот ,,прати,, со такво значење. Третото нешто кое загрижува, можеби најмногу, е тоа што и лекторот направил голем превид. Глаголот ,,прати,, во смисла на ,,придружува,, или ,,следи,, го слушаме од мнозина. Но на телевизија не смее така. Лекторот да пребарува по речниците. Тој тоа треба да го знае и да не дозволува тој збор, тој српски глагол, да се користи со вакво значење. За крај! Српското ,,прати,, на македонски се преведува со ,,следи,, или ,,придружува,,.                      

Loading