ОД НИВА НА ФУДБАЛ

Историја

Фудбалот е феномен со децении и децении и незаменлива забава. Безбројни се раскажувањата за прилепчаните што оставале многу важни работи, само за да гледаат фудбал, да ја гледаат Победа. Често ова му се случувало на Цане Башески, на кого можат да се сетат повозрасните сограѓани. Овој страстен навивач дома не пропуштал ниеден натпревар, а патувал и на гости. Како и многумина, бил тутунар. На почетокот од летото 1979 година, на 17 јуни, кога е садењето на тутунот, бил денот на големото, историско дерби, Победа – Беласица. Кој победува – влегува во Втора југословенска лига. Зарем Цане да го пропушти овој меч заради тутунот? Совреме набрал два коша расад со жената и рано утрото во неделата почнале да садат. Било како под вршник на врелото сонце, но не смееле да запрат и да се одморат, оти мора да стасаат до 15 часот. Натпреварот е во 17. Саделе, брзале, но го насадиле само едниот кош. Што да прават со другиот? Цане му понудил на соседот по нивата да го земе расадот, оти инаку ќе го фрли в ендек. Соседот си мислел дека се шегува. Цане го понудил уште еднаш – двапати и кога овој одбил, кошот се нашол превртен во ендекот. Цане со моторот ја однел жената дома, а потоа стасал прв на фудбал.

Цане бил еден од 15 илјади гледачи, сведоци на триумфот од 3-1 за Победа.

Loading