БОРЕЦ Е МИНЛИВА ПРЕЧКА

Фудбал: В сабота Победа се бори за прволигашки опстанок

– Прволигашот е фаворит на баражот во Струмица

Pobeda

Екипата на Победа со последниот триумф од 1-0 над Ренова (со голот на Даноски) го освои посакуваното 8 место на табелата и сега претстои уште еден чекор до опстанокот во елитата. На баражот,  в сабота во Струмица, противник е Борец од Велес, кој во дуелот на второпласираните од второлигашкиот ранг беше поуспешен на пенали од Гостивар (откако по 90 минути заврши 0-0). Во прилепскиот табор оптимизмот е на секој чекор.

– Клучен натпревар во кој искрено верувам. Опстанокот е важен зашто првпат во историјата ќе имаме соодветен буџет за следната сезона, буџет за Европа. Ги повикувам сите фудбалски љубители да го поддржат нашиот тим во Струмица – рече Ирена Јакимоска, в.д. претседателката.

Победа не само по името, ами и според тоа со што располага во овој момент, ја има улогата на фаворит. Од организациската поставеност до квалитетот на фудбалерите и Стручниот штаб се имиња потврдени во минатото и денес. Изборот на четвртиот тренер во името на Тони Мегленски се покажа оправдан.

– Играме против второлигашка екипа и се надевам дека ќе победниме. Ако загубиме, тогаш не заслужуваме да играме во Првата лига. Играме со, условно кажано, послаб противник-второлигаш. Никој не е за потценување, но така го разбирам фудбалот во овој момент. На располагање ги имаме сите фудбалери. Оваа шанса не смее да се пропушти – смета Мегленски.

Нема сомнение дека шансата треба да биде искористена, зашто овој состав сезонава надмина и поголеми пречки. Ја совлада Шкендија, паднаа Вардар, Силекс… Ништо друго освен триумф не се очекува од тимот во кој има докажани домашни и странци, млади и искусни, дури и со меѓународна кариера. Доволно е да се спомнат: голманот Тофилоски кој бранеше во неколку земји, како и на репрезентативниот гол, потоа Крстески, Наумоски, Гешоски. Шпицот Даноски даде 8 гола и нема одбрана која може да го задржи.

– Ја заслужуваме Првата лига. Сé е во наши раце. Притисок во фудбалски град како Прилеп има секогаш, без оглед дали се борите за титула или за опстанок. Од тој аспект немаме проблем. Сите сме подготвени да прикажеме најдобра игра и да покажеме дека заслужувме да останеме прволигаши – порача Зоран Даноски.

Последен пат Победа и Борец се сретнаа во второлигашки меч на 6 мај 2014, кога Победа победи со рекордни 12-1 на Могила.

Loading