МЕНАЏЕРСКАТА ПОЗИЦИЈА СВЕДОЧИ ЗА СПОСОБНОСТИТЕ, ПОДЕДНАКВО КАЈ МАЖИТЕ И КАЈ ЖЕНИТЕ

Интервју со Наташа Стојкоска, директор на сектор набавка и логистика на Витаминка една од десетте најуспешните жени, менаџери во 2017 година

Неодамна сте избрана како една од десетте најуспешни жени, менаџери во 2017 година во Македонија. Колку ова признание или награда е значајно за Вас?

IMG 0719 NATASA2

Секоја награда носи задоволство, бидејќи од една страна претставува потврда за успешноста на вашата работа и валоризација на целиот труд кој го вложувате на професионален план во компанијата во која работите. Од друга е и поттик и во иднина да продолжите да се давате себе си, да се надградувате и да напредувате во кариерата. Оваа награда е посебно значајна, бидејќи се работи за избор на најдобрите жени менаџери во Македонија. Жени кои успеале своите професионални обврски да ги усогласат и со својот приватен живот, како сопруги и мајки. Кои успеале да ги реализираат желбите за напредување во кариерата, без притоа да трпи семејството. Дел од нив започнале свој бизнис, дел се на раководни позиции во големи компании. На сите им е заедничко дека се успешни и покажуваат одлични резултати. Задоволство е наградата, бидејќи е вреднување на вашиот труд, работа и ангажман. Значајна е и за компанијата, бидејќи не можеш да бидеш успешен менаџер ако и компанијата каде работиш не е успешна. На некој начин е и потврда дека во неа не се прави разлика меѓу машки и женски труд, туку дека единственото што се цени е знаењето, компетентноста, посветеноста и остварените резултати.

На висока менаџерска позиција сте повеќе од 10 години и тоа во Витаминка, една најуспешните компании во земјава. Кои карактеристики треба да ги поседува еден менаџер да биде успешен во успешна компанија?

Да се биде успешен во професијата, не само како менаџер, неопходна е одговорност пред поставените задачи и обврските. За успешноста е нужна и желбата да се напредува во работата до што може да се дојде само доколку постојано се работи на надградување на своите знаења, доколку се поставуваат пред себе нови сé повисоки цели и доколку се има иницијативност, доколку постојано размислувате за други можности и идеи. Последнава карактеристика би ја поставила како најважна, затоа што од иницијативноста зависи колку сте подготвени да ги поместите границите, да поставите поголеми цели и да ги проширите своите ингеренции. Да излезете од стандардните работни обврски и со тоа да постигнете поголеми успеси. Тоа секогаш се препознава како квалитет и ве носи чекор повисоко на скалилата на успехот. Многу е важно никогаш да не се застанува, да не се биде задоволен од моментно постигнатото, туку да се посакува уште повеќе, уште подобри резултати. Еден добар менаџер мора првенствено да ги постави овие цели, бидејќи само така ќе биде пример за вработените и ќе може и од нив да бара квалитетно да ги извршуваат обврските.

Витаминка е еден од лидерите во прехранбениот сектор во Македонија со производи кои станаа бренд не само во земјава, туку и пошироко. Какви предизвици носи работата во вака голема компанија која постојано инвентира и го проширува производството, а со тоа и обемот на работа на секој менаџер?

Секоја одговорна работа носи свои предизвици, независно од секторот. Секој самосвесен менаџер и професионалец, пристапува со подеднакво иста доза сериозност и одговорност, без разлика каде и што работи. Секако, барем за мене лично, предизвик е и задача на секој менаџер поттикнување на амбициоте во сопствениот тим. Предизвик е да се одговори соодветно на задачите, да се постигнат поголеми резултати. Работењето во компанија како Витаминка значи натпревар со времето, со себе си и сопствените цели. Позицијата што Витаминка ја има на пазарот и статусот наметнува да се поставуваат повисоки таргети и нормално во таа насока се движиме. Како компанија, во стратегијата имаме интегрирано механизам за континуиран развој. Така што, сигурна сум дека оваа растечка тенденција ќе продолжи. Позицијата лидер на пазарот само се потврдува со тоа што со нашата работа, на дневна основа поставуваме нови стандарди на пазарот и ги надградуваме и поместуваме во позитивна насока, со цел до потрошувачите да доставиме што поквалитетен производ.

Врз кои вредности го дефинирате својот однос кон работата?

Одговорност, отвореност и одлучност. Тоа се трите параметри што го дефинираат професионалниот дел од денот. Одговорноста ја врзувам за својата функција и сериозноста со која и пристапувам. Отвореноста ја врзувам за тимот со кој работам. Иако сум на менаџерска позиција, сепак редовно се потпирам на тимот со којшто работам. Досегашното искуство ме научи дека менаџерот во одговорноста е осамен, но во работата не е, што е позитивно. Во контекст на тоа е и моето работно мото, да се сослушаат сите страни, предлози, иницијативи и идеи, а после тоа да се донесе одлука. Потребно е да се создаде тим во кој верувате и на којшто можете да се потпрете. Затоа што резултатите се постигнуваат заедно со тимот. Никој сам ништо не може да направи, а посебно менаџерите не треба да си создаваат имиџ на таканаречени ,,автократи,,. Покрај тимската работа, во иста линија, важност и тежина би ги издвоила иницијативноста и храброста да се донесат одлуки што ќе се покажат вредни и корисни.

Менаџерската позиција многу често подразбира жртвување на приватниот или семејниот живот. Дали и Вие чувствувате притисок и дали правите компромиси?

Одамна научив дека успешна и реализирана жена не мора да прави поделба на функциите што ги има во животот, односно секојдневието. Може подеднакво успешно да се биде и менаџер, и мајка, и жена и нема потреба од жртви. Менаџерската позиција сведочи за способностите, подеднакво кај мажите и кај жените. Важно е да сте свесни за сопствената моќ и влијание во моментната улога што ја играте, да знаете што се очекува од вас и да настапите соодветно. Токму врз основа на ова ми е исполнето времето. Кога сум на работа, професионалниот ангажман, одговорноста што доаѓа со таа позиција, знаењето и искуството што ги имам, ме водат и тука нема простор за маневрирање. Додека сум со семејството, нормално емоциите преовладуваат и го прават секој момент бесценет и вреден за целосно посветување, без резерва. После сето ова останува времето кое секоја жена треба да си го посвети на себе, дали тоа е социјализација, хоби, рекреација или некој креативен стимуланс и мислам дека токму во овие моменти жената се осознава себе си, своите потенцијали, желби, стремежи и цели.

Скопската агенција Марили ги избра 10-те најуспешни жени менаџерки на Македонија. Во друштвото на најуспешните, се и три професионални и храбри жени менаџери од Прилеп. Тоа се Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка, Ирена Јакимоска, првиот човек на Комфи Ангел и Јана Јанеска Ристеска од Центарот за современа ликовна уметност

Тие се менаџери во пропулзивни, брзорастечки компании и асоцијации.

Loading