ДЕН ЗА ДЕН – ДОЈДЕ И ВЕЛИГДЕН

veligden21

Денот на Христовото воскресение Велигден не е само најголемиот, туку и најстар христијански празник славен од вториот век. Тој е суштината на Христијанството, потврда на верата. Зашто, како што рекол Свети Апостол Павле, ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера. Затоа на Велигден се пее, Христос воскресна, смртта е поразена и победи животот. Истражувачите истакнуваат дека ако не постоеше Христовото воскресение, тоа требаше да се измисли. Ако Христос не ја победеше смртта, тогаш човечкиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта и на човекот ќе му биде дозволено да биде неморален и да биде склон кон другите негативни демони.

Христос се јавил кога зацарувале неморалот и расипништвото и човештвото се нашло на беспаќе. Исус објавил дека има пат, вистина и живот. Тој не бил разбран. Народот очекувал агресивен водач кој ќе го поведе во борба до слободата. Наместо да биде величан, народот побарал распнување како за најголем разбојник.

veligden-krsenje-jajca-520x345

Празникот е востановен како денес, во 4 век. Со посебна возбуда се пречекува Велигден, меѓу Божик или Ѓурѓовден. На празникот му претходат долгите Велигденски или Велики пости кои што траат цели седум недели. Со постот Христијаните се подготвуваат за достојно празнување. Се пости заради самоконтрола, за откажување од телесни задоволства, за одржување од обилна мрсна храна, за контрола на страстите и сл. Со страдањата, човекот се доближува до својот Спасител.

Чинот на воскреснувањето на Исус Христос секогаш е во недела. Празникот им дава смисла и на Божик, Светото благовештение (Благовест), Преображение, Крстовден и др. Според Евреите, Пасха значи премин со Христа, од смртта во животот и од земјата кон небото, во вечниот блажен живот.

Рано наутро децата убаво облечени одат по куќите и добиваат по едно црвено јајце. Радост претставува обичајот кршење со јајцата. Притоа тој чие јајце ќе победи, му го зема на другиот што се скршило. И младоженците им честитаат на роднините. Девојките и ергените се подготвуваат за на оро. Некаде  на велигденското утро се оди в црква и не смее да се пуши и да се пие кафе. Во некои места домаќинот ја допира стоката со црвено јајце за здравје. Првиот ден се празнува со седење дома, а на вториот се оди на гости, на ракија, кафе и сл. Во Мариово на вториот и третиот ден жителите ручаат заедно на средсело и играле ора. Велигден се славел и со гачки, народни драми. Во некои места на вториот ден се изведувал обичајот ,,Скрсти,, што е знак за измолување на дожд за богат род на земјоделските култури.

Во велигденските обичаи значајно место имаат црвените јајца. Во минатото христијанските семејства им испраќале на Турците со кои биле во добри односи велигденски јајца за поздрав. Турците тоа го сметале за голема чест. Црвената боја се смета дека ја симболизира Христовата крв. Таа е боја на радоста, оптимизмот и на животот воопшто. На овој ден јајцата се вапцувале и со други бои, зелена, сина и тн. Обичај било јајцата да се шараат со разни техники со листови од растенијата, со срма и мониста со восок и тн. На јајцата се пишувало: Честит Велигден, Христос воскресе и тн. Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот ,,Христос воскресе,, прво ги употребила Марија Магдалена. Таа прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исуса воскреснат, а по неговото вознесение на небото, тргнала по светот за да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт, како и неговото воскресение. И на императорот Тибериј во Рим му подарила црвено јајце со поздравот ,,Христос воскресе,,.

Постојат повеќе преданија за црвеното велигденско јајце. Според едно од нив, кога Христос бил распнат на крстот од крвта што капела од рацете и нозете каде што бил закован, камчињата од крстот се обоиле црвени. За спомен луѓето вапцуваат јајца со црвена боја. Во друго се раскажува дека во неделата кога Марија одела на гробот на Исус носела варени јајца да ги раздаде. Црвена боја потсетувала на Христовата крв. Кога разбрала дека Христос воскреснал, јајцата ги поделила на децата.

За Велигден се пеат пролетни песни во знак на будење на природа и повторното враќање на животот.

Во народното верување Велигден и Божик се двајца браќа. Божик постар и поскромен, Велигден помлад и фодул. Божик како домаќин гледал да е полна трпезата.

Loading