„ЉУБОВНИ ПОЗИ НА ИСТОРИЈАТА“ ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Со претставата „Љубовни пози на историјата“ (Figurae, veneris, historiae)  од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска, театарот „Војдан Чернодрински“ на 27 март ќе го одбележи Светскиот ден на театарот. Претставата јасно покажува дека војната менува сé, тргнува во неочекувани насоки, ги трансформира луѓето, ги прави ѕверови, непрепознатливи, различни од порано. Колку и да изгледа парадоксално, вистинската сила која го придвижува дејството не произлегува од суровоста и страдањето, туку од љубовта  и силните емоции.

При тоа ќе бидат прочитани македонската и петте светски пораки за театарот и неговото значење. Македонската порака годинава ја напиша актерот Сашко Коцев, кој вели дека во услови на исклучително загадена духовна средина, кога на примитивен начин тривијалноста агресивно се промовира како културна вредност и секојдневното бесмислено ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи, преку разни риалити шоу и технички помагала, неопходно е како никогаш досега да си поставуваме прашања. Дали е доволен досегашниот наш театарски пристап во однос на девијациите во реалноста? Кои се театарските средства за борба против општествено-политичките баналности кои навидум изгледаат бенигно, а во суштина метастизараат во зло што ја уништува нашата култура? Што во суштина модерниот театар треба да третира? Што треба да се исправи? Отуѓеноста? Бесчувствителноста? Полуписменоста? Политичката состојба? Па да, можеби токму сега, таа го има најсилното влијание, па затоа политиката може да биде театар со своите бројни задкулисни игри. Но, театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена.

Колкава е моќта на театарот, каде треба да цели и кој е неговиот краен домет? Како што се тврди дека патриотизмот е последното прибежиште на ништожниците, тогаш одговорно тврдам дека хиперболизирањето на значењето на театарот, односно неговото непотребно мистифицирање или патетизирање е последното прибежиште на неталентираните. Токму затоа сметам дека нужно е потребна негова демистификација.

Светскиот ден на театарот е одличен повод, ние театарските дејци да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината. Да се навратиме, потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои не натерале да се бавиме со оваа професија. Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моментниот културен стриптиз во создавање на здрава културна матрица – вели Коцев.

Автори на светските пораки се Маја Збиб (режисер) од Либан, Сајмон Мекбарни (режисер) од Велика Британија, Сабина Берман (драмски автор) од Мексико,  Рам Гопал Баџаџ (режисер) од Индија и Вервере Лајкинг (уметник) од Брегот на слоновата коска, кои истакнуваат дека иако театарот постои во сегашноста тој нуди поглед врз времето и дека претставува нов начин на гледање на светот, како и перцепирање на едни со други. 

Loading