Фудбал: Дојде познато име
– Бубања се повлече од здравствени причини
Нема практика во градов да се менуваат тренери насред сезона, но изгледа дека овојпат беше неизбежно. Есеноска битолчанецот Зоран Штерјовски поднесе оставка по 6 коло, отстапувајќи го местото на Црногорецот Славољуб Бубања, а овој пак се повлече во вторникот, по 5 пролетни кола, по што завчера го наследи Србинот Слободан Крчмаревиќ.
Навивачите имаат само пофални зборови за Бубања, човек 100 отсто фудбалски професионалец, но резултатите и пласманот се најважни факти. Со негово водство во првенството беа забележани 4 победи, 5 нерешени и 7 порази, за 17 бода и 8 место на табелата. Во купот беа 3 меча со победа, реми и пораз. Повлекувањето е и од здравствени причини.
– Им се заблагодарувам на сите во клубот и на навивачите, од кои имав поддршка како никаде досега. Жалам што не освоивме повеќе бодови, но сигурен сум дека екипата ќе излезе посилна и ќе обезбеди опстанок. Победа засекогаш ќе биде во моето срце – рече Бубања.
Новиот тренер, 52-годишниот Крчмаревиќ, е познато име. Играчката кариера ја поминал во Србија (Партизан и ОФК Београд), Шведска, Кипар, Грција. Како тренер бил во Словенија, Кипар, Либија, Казахстан, Србија, а селектор на млади репрезентации, на Србија, со која освоил 6 место во Европа, како и на Казахстан. Последен ангажман имал во Бахреин. Веќе 12 години поседува Про-лиценца од УЕФА. Лани во пресрет на дербито Звезда – Партизан, даде интересна изјава.
– Набојот е несекојдневен и несфатлив. Фудбалот не е војна. Губи и Барселона, но ,,Камп ноу” секогаш е полн… Додека играв, ривалитетот никогаш не преминуваше во омраза. Никогаш немав проблеми со противничките навивачи – изјави Крчмаревиќ.
Пред него е сериозна задача да ја прекине серијата од 6 меча без триумф. Нема да е лесно со оглед на распоредот. Во претстојните пет кола дома (на неутрален терен) се дуелите со Работнички (в сабота) и Скопје, а на гости со Силекс, Ренова и Пелистер.