„МОСКВА ДЕНЕС“ ВО ПРИЛЕП

Del od fotografiite na izlozbata   Moskva denes

Тематската изложба на фотографии „Москва денес“ ќе биде отворена в среда во 19 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“. Преку фотографии ќе бидат претставени реномирани знаменитости по кои е позната Москва низ светот, уникатни архитектурни и инфраструктурни проекти изградени во последните неколку години, како и можностите за развој на туризмот, спортот, образованието и културата што ги нуди еден од најголемите градови на Русија. Поставката се базира на официјалните фотоматеријали доставени од Москва.

ЦК ја реализира изложбата во соработка со амбасадата на Руската федерација во Македонија за одбележување на 24 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Македонија.

– Москва е град кој по многу нешта е еден од најважните во светот. Тој е престолнина и на царска и на модерна Русија, важен научен, културен, политички, стопански и туристички центар на еден значаен дел од светот. Москва е ризница на култура која го чува богатството и древното наследство во своите величенствени зданија. Град кој се менувал, растел низ вековите и кој ја зачувал својата автентичност паралелно со сите историски настани и превирања кои се случувале и кои се огледуваат во архитектурата на градот. Најголемата европска метропола претставува спој на традиционална Русија, советскиот период и модерните, современи струења во сите сегменти на животот. Град со најголема концентрација на знаменитости на мал простор. Сé ова ќе може да се види на изложбата – велат организаторите.

Loading