МАНАПО

ivce1Пред кодифицирањето на македонскиот литературен јазик и во текстовите кои беа пишувани на македонски, се правеа доста грешки со апстрактните зборови. Ќе приведеме еден мошне важен и значаен наслов од поранешно време. Во 1936 година формирано е движењето МАНАПО. Го сочинувале студенти од културно – уметничкото друштво “Вардар” во Загреб, а имаше клонови во Белград и Скопје. Основната цел на МАНАПО беше признавање на Македонија за една историска единица и Македонците за посебен народ. Движењето, официјално е формирано на еден состанок во Охрид во 1936 година. Покрај таа основна цел МАНАПО имаше и многу други барања. Ние нема да го анализираме и да го обработуваме тој проблем. Ќе се задржиме на самиот збор. МАНАПО е кратенка составена од предните слогови на напредното движење наречено – Македонски народен покрет. Токму тој збор – ПОКРЕТ – не натера да го потврдиме фактот дека со таквите апстрактни зборови се правеа грешки тогаш, а за жал и сега. ПОКРЕТ значи ДВИЖЕЊЕ, значи Македонско народно движење. Но во тоа време, под влијание на српско – хрватскиот јазик употребена е именката ПОКРЕТ.

Во тоа време, во тие услови, ваквите грешки не можеме да ги сметаме за голем грев. Но, денес!… Е, тоа е веќе повеќе од грев. Редовно слушаме дека против некого е покрената постапка. Или покренато е обвинение. Придавката ПОКРЕНАТ има корен токму таму, во ПОКРЕТ. Или во глаголот ПОКРЕТАТИ, ПОКРЕНУТИ. Не се тие наши. Постапката може да биде ПОВЕДЕНА, а обвинението ПОДНЕСЕНО (не покренато). И новинарите и правниците (судии, адвокати и многу други) ја прават оваа грешка. Еве еден интересен случај. Телевизиска емисија. Разговараат новинари, аналитичари, партиски функционери. Темата беше формирањето на Семакедонското движење – МААК. Слушаме ваква реченица: “Тогаш се покрена движењето МААК”. Каква јазична несмасност! Што би требало да значи овој израз?! За зборовите ПОКРЕТ, ПОКРЕНУВА и слично веќе зборувавме. Според тоа – “Се покрена движењето МААК”, би требало да значи исто како да се рече “Се задвижи движењето МААК”. Наместо да се рече дека се ФОРМИРА, ЗАЖИВЕА движењето МААК, новинарот вели се ПОКРЕНА.

Ех, да е само тоа! Во угледен високотиражен весник, од угледен високопоставен новинар читаме – “…од фразата на општото трабуњање”. ТРАБУЊАЊЕ?! Каде ли само го најде? Тоа се всушност празни зборови, плампање, дрдорење, брборење и којзнае уште како!

Со колку ли “трабуњања” и слични глупости ќе го “збогатиме”, ќе го “украсиме” кутриот наш македонски јазик?! Колку ли уште шандара-бандара изрази ќе слушнеме од оние што треба беспрекорно да го познаваат јазикот?! До кога, како што вели уредникот на весникот ќе го “извитоперуваме” јазикот?  Не се сетил дека кај нас тоа е ИСПАКОЛИЧУВАЊЕ или ИСКРИВОКОЛЧУВАЊЕ, а не ИЗВИТОПЕРУВАЊЕ.                                                                                                                                       

Loading