КАФАНА И ЧВАРКИ

ivce1Повеќепати сме слушале за именките кои завршуваат со наставката – АРА, (пивара, млекара). Сме читале искажувања и од покомпетентни личности дека тоа е погрешно. Тие именки треба да гласат – ПИВАРНИЦА, МЛЕКАРНИЦА, ЖЕЛЕЗАРНИЦА и… Но, тешко ќе се одбраниме. Наставката АРА многу силно си пробива пат.

Прилепската пиварница е едниствена во нашава земја која го одбрала вистинското, правилното име – ПИВАРНИЦА. Тоа заслужува пофалба, оти најчесто слушаме пивара. Покрај правилниот избор, за жал, и без нејзина одговорност, и таа станала жртва на овој наш јазичен хаос.

Слушаме реклами со израз – “Прави веселјаци”. Каде го најдоа тоа?! Нашата именка е ВЕСЕЛНИК. А не ВЕСЕЛЈАК, а придавката ПРАВИ нема такво значење. Изразот треба да гласи “Вистински веселници”. Именката КАФАНА се спомнува многупати во реклите. Зошто уште не сфативме дека кај нас тоа е КАФЕАНА, а не КАФАНА. Кај нас е КАФЕ, а не КАФА. А турската именка АНА (ане), значи куќа. Значи, КАФЕАНА би било всушност КАФЕ- КУЌА, како што е МЕАНА – ВИНО – КУЌА (МЕ, значи вино). И нарачателите на рекламите би требало да реагираат на овие гршки.

Неизбежна тема е политиката. Најзастапена е на програмите од телевезиите. Слушавме некој коментар дека Владата била лабава. Новинарот се прашува – “Може ли албанскиот блок да ја размрда владината коалиција”? И, што би значело тоа? Од МРДАЊЕ (размрдување) не може да се причини некоја особена штета. Ќе беше добро ако кажеше новинарот дека албанскиот блок може да ја РАЗНИША владината коалиција. Или, можеби и да ја РАСТРЕСЕ. Со зборот РАЗНИШУВАЊЕ обично се мисли на некаква несигурност. Тоа што се ниша може и да падне. Такво значење, во определен момент, може да има и зборот – РАСТРЕСУВАЊЕ. Растресувањето, потресот, може да биде послаб или посилен и може да предизвика некаква промена, некакво нарушување. Глаголот МРДА и глаголската придавка МРДАЊЕ (размрдување), немаат такво значење. Дури може да значи нешто сосема друго. Да се размрда може да значи дека ќе се активира, ќе почне повеќе да работи. Според тоа, владина криза може да настане од некои евентуални причини кои можат да ја РАЗНИШААТ, а не да ја РАЗМРДААТ .

Уапсен бил некој човек, поради обид за силување. Новинарката вели: “Уапсен бил дваесетиеденгодишен човек” Многу честа грешка. Безброј пати сме слушале да се вели ДВЕИЛЈАДАТА година и слично. Човекот што бил уапсен бил всушност ДВАЕСЕТИЕДНОГОДИШЕН. Не бил ДВАЕСЕТИЕДЕНГОДИШЕН. А кога станува збор за годината, таа е ДВЕИЛЈАДИТАТА, а не ДВЕИЛЈАДАТА.

Читаме на екранот превод од српски филм: “Еве ти чварки”! Тоа е барем сосема познато. Кај нас не се ЧВАРКИ, туку се ЏИМИРИНКИ. Може уште и да се рече – ПРШКИ. Тие се добиваат со пржење нели?! А љубезните месари секогаш ни нудат КРТИНА наместо УДИНА!       Ќе има ли крај?!

Loading