ПРВИОТ СЛОВЕНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ ГО ОСНОВАЛ СВЕТИ КЛИМЕНТ ВО ОХРИД

sveti-kliment-300Македонската православна црква со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ, творец на далеку познатата охридска книжевна школа и најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и дела на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој станал заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Св. Климент заедно со Св. Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 Светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Св. Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим, Св. Климент заедно со Св. Методиј се вратил во Моравија, и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на Св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија, во 886 година Св. Климент заедно со Св. Наум и Св. Ангелариј дошле во Бугарија, од каде биле испратени во Охрид. Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Му се припишуваат опширните житија на Св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн), пофални слова за други празници на апостоли, маченици и многу други дела.

На Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на литературата за црковната богослужба, а го превел целиот Цветен триод.

По смртта, Господ го прославил Св. Климент со многу чуда. Бидејќи бил популарен уште, по неговата смрт се раширил неговиот култ. Се создале преданија. Едни содржат биографски податоци за светителот, други се  со исцелителна содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Некои преданија зборуваат и за просветителската дејност,  за тоа како го описменувал населението, како го поучувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи за живеење. И поголем број топоними  во охридско се поврзани со неговото име.

Патрон на Охрид 

Св. Климент Охридски е заштитник на Охрид. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога ќе се надвиснела некоја несреќа над градот и околината се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање. Св. Климент најчесто се среќава со Св. Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Тоа се однесува на браќа во духовна смисла – собраќа. Повеќемина се склони да тврдат дека Св. Климент и Св. Наум биле родени браќа. Не само затоа што Св. Климент бил епископ, а Св. Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 8 август во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата Св. Пантелејмон. Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога светата христијанска црква го празнувала споменот на светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 8 декември. Поради тоа подоцна светата црква главниот празник го поместила на денот на неговиот именден, а не на денот на неговото упокоение.

Loading