ДЕЛА НА АНЃЕЛ ДИМОВСКИ – ЧАУШ

3 Tvorestvoto na Angel Dimovski Caus   pred prilepcani„Антроморфен и зооморфен имагинариум“ е тематската изложба од Анѓел Димовски – Чауш, што ќе биде отворена вечерва од 20 часот во  ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“. Уметникот ќе се претстави со скулптури, цртежи и објекти, кои генерираат и суптилно варираат од современата западно европска уметност, преку влијанија од големиот опсег на синкретичната уметност од минатите периоди на развој на уметноста и традициите.

– Инспирацијата за скулптурите е широка, но жената е основниот мотив која е интерпретирана во разни модификации на фигуративен и асоцијативен антропоморфизам. Стилизирањето на човековата конкретност произведува слободна и асоцијативно антропоморфна пластична биоморфна форма каде се видливи деформитети или нагласувања на одредени делови од телото. Основа во неговата перцепција е инспирацијата од најдалечното минато и секако денешницата. Многу од делата се базирани на предисториска пластика и артефакти најдени на тлото на Македонија интерпретирани во современа ликовна изразност. Во релјефите, цртежите и колажите мотивската преокупација е разновидна – вели Горанчо Ѓорѓиевски за творештвото на Чауш.

Уметникот е дипломец на ФЛУ во Скопје, вајарски отсек. Имал повеќе изложби во земјата и во странство. Бил учесник на колонии, учествувал на конкурси и остварил повеќе студиски патувања во Италија, Франција, Шпанија, Германија, Грција, Египет, Турција, САД… 

Loading