ДВА ДИЈАЛОГА И ЕДЕН МОНОЛОГ

ivce1Така! Два дијалога. Ќе ги пренесеме како што ни се прекажани и како што сме ги запаметиле:

Докторот: Повелете! Каква мака имате?

Пациентот: Голема! Од завчера, главата ме боли ужасно. Носот ми тече, кашлам …

Докторот: Температура имате ли?

Пациентот: Имам. Ми студи, се тресам. Сиот сум како вангелосан.

Докторот: Се разбрав, но тоа ВАНГЕЛОСАН не знам што е. Не сум чул досега.

Ете, докторот не знае што е тоа ВАНГЕЛОСАН. Сме го слушале тој збор па дури и со видоизменета смисла. За некој напиен, се вели дека е ВАНГЕЛОСАН. Во Речникот пишува дека ВАНГЕЛОСАН значи исплашен, стаписан, вџашен. Бидејќи и болниот прилега на такво нешто, се вели дека е ВАНГЕЛОСАН (вџашен, подисплашен).

Вториот дијалог. Пак во ординација:

Докторот: Се чувствувате ли подобро од минатиот пат? Подобро ли ви е?    

Пациентката: Да, да, подобро ми е. Се чувствувам некако посвежа. Само, наутро кога станувам нагло, ме фаќа имела.

Докторот: А што е тоа ИМЕЛА? Ве боли ли нешто?

Пациентката: Не, не, ништо не ме боли, само ми се јавува некое мелење на умот.

Можеби е малку пооправдано да не се знае што е ВАНГЕЛОСАН пациент, но чудно е докторот да не знае што е тоа ИМЕЛА. Во Речникот е објаснето како ВРТОГЛАВИЦА. И така е, мелење на умот, вртење на умот, вртоглавица.

Монолог:

Во 1905 година Крсте Мисирков ја превел на макеоднски јазик познатата песна на Прерадовиќ – “Путник”. Превел каков што можел да го практикува јазикот во тоа време, кога тој се бореше за признавање, за кодификација на македонскиот јазик. Првиот стих на песната гласи – “Боже мили куд сам зашо”. Мисирков го превел – “Боже мили каде зајдов”. Си земам слобода, јас, по 112 години да му најдам мана на преводот. Според мене, стихот треба да гласи – “Боже мили кај залутав” или “кај заскитав” или “кај заакав”. Станува збор за човек кој заскитал, кој залутал во некое туѓо, непознато место.

Ова го пишувам како повод, да го поставам прашањето (не само на себе), кај залутавме, кај заскитавме со употребата на нашиот јазик! Каде ли одиме?! Текстов го пишувам во недела пред локалните избори додека слушам презентер на телевизија кој вели: “Кој град ќе добие градоначалник за 7 дена”? Па кој би избирал таков градоначалник што ќе раководи со општината само 7 дена?! Наместо “по 7 дена” тој вели “за 7 дена”. Редовна грешка. Тоа е само ситница, од огромното море на грешки во кое тоне, длабоко потонува нашиот јазик. Тонеме ли сите во него, потонува ли со тоа и нашиот идентитет?! Ме јаде преголема јанѕа! Како буица навираат јазични грешки, туѓи зборови, туѓа азбука, туѓи називи и наслови. И така, се повеќе и повеќе.

“Боже мили кај залутавме”? 

Loading