ПОПОТ СО ДВЕ ПЕРАЧКИ ПО 25

На некојси поп му умрела попадијата, а по црквените канони не може поп да се прежени. Ваму, не бил уште толку стар да не му треба попадија, а и дечиња му останале за гледање. Решил да го замоли владиката да му дозволи да прибере некоја жена, макар и да ја пријави како слугинка, готвачка, перачка, домаќинка Или како што прават католичките свештеници, на кои перачките и слугинските им раѓаат по тричетири деца, ама канонот е запазен, а нема попот попадија.

Владиката, и тој млад како попчево, размислили го дал благословот.

– Ајде да направам еден себап заради децата, ама ќе гледаш да прибереш некоја постара, докај 50 години, да не паѓа ептен в очи на селаните.

Се заблагодарил попот на милосрдието и почнал да бара жена каква што му кажал владиката. Барал, барал, ама никако да најде таква. Најпосле решил. Место една од 50 години, зел две по 25. Едната за готвачка, другата за перачка.

Кога по неколку години го прашал владиката што направи по таа работа, попот му ја кажал вистината, правдајќи се дека не можел да најде една од 50 години, затоа зел две од по 25, да го запази канонот.

Владиката задоволен му рекол:

– Арно си направил, ама не е право да имаш две, јас ниедна. Ќе ми ја дадеш мене едната, нели?

– А, кабул не го чинам, свети владико! Хе можам јас да го газам канонот и да тргам маки на тој век во пеколот – му одговорил попот и отишол кај готвачката и перачката…

Loading