Во новото трето предавање на Тренчо Димитриоски за „Винарници во камен“, авторот пренесе факти и со видео-презентација за десетици, па и стотици објекти издлабени во камен, кои служеле за гмечење на грозје и за цедење на гроздовиот сок во Пелагонија и Мариово. Тие се големото богатство за културата на овие простори.
Според Димитриоски, дел од винарниците имаат многу постаро потекло, иако археолозите ги датираат во античкиот, односно, римскиот период.
– Тие биле изработени и користени уште во праисторијата. Составени се од две, три, па и повеќе, главно, правоаголни корита и со различни димензии. Повеќето располагаат со определена симболика и се наоѓаат во специфичен амбиент со “дионисиска” естетика. Овие области биле големи производители на грозје и преработки уште од подлабоката праисторија – вели димитриоскси, кој е новинар и публицист.
Мајсторството при изработката на винарниците во камен заслужува анализа. Некои се културни експонати со нагласена естетика и културна вредност. Некои микро региони во прилепскиот и битолскиот крај се музеи на експонати поврзани со одгледувањето на винова лоза и производството на вино и други производи од грозје. Такви се Заград кај Прилеп, Манастирски Поток кај селото Дабница, некои локалитети покрај Црна Река во Мариово и др.
Предавањето го организира културно истражувачкиот и документациски центар за Мариово “Калеш Анѓа” од селото Крушевица.