ПРЕВОДИ, ПРЕВОДИ!

ivce1Имаше информација на некоја телевизија дека владата ќе преземела посериозни мерки за чистотата на македонскиот јазик. Дека во повеќе институции ќе се вработувале лектори. Одлично! Тоа е прекупотребно.

Потребни се лектори! Но што правиме со оние институции каде ги има, а врие од грешки. Ако направи некој инженер, статичар, погрешна пресметка, ќе му се урне зградата. А тој ќе биде казнет. Ако направи грешка лекторот, никого не го интересира. Дека со тоа се урнисува јазикот, никого не го боли главата. Како што е тргната работава, на секој говорител, без разлика од која област е, му треба лектор. Па како некогаш во ќелијните училишта. Ако не знае детето, даскалот со прачката по уши.

За јазикот на телевизиите сме пишувале. За јазикот во Парламентот исто така.

Пред себе имаме неколку пиеси од А.П. Чехов, во издание на Центарот за култура – Битола. Прекрасно дизајнирани, ама преводот – полош од лош. Ќе набележиме само некои нешта, немаме простор за повеќе. На многу места се спомнува зборот ДОРУЧЕК. “Ќе одиме на доручек, ќе доручкуваме”. Појадок е тоа кај нас, а не ДОРУЧЕК. Редовно, во сиот текст е погрешна употребата при персирањето. На пример: “Ирина, вие сте прекрасни”. Грешка. Во множина треба да се употребуваат само заменката и глаголот, но не и придавката. Правилно: “Ирина, вие сте прекрасна”. Многу често се употребува зборот – ПОРЕМЕТЕН. Не е наш. Ако станува збор за здравјето, тоа може да биде нарушено, а не пореметено. Зависи од ситуацијата, ќе се најде наш збор, а ПОРЕМЕТЕН не е наш.

Среќаваме, “Нашето битисување”, се мисли на постоење, егзистирање. БИТИСУВАЊЕ (турски) значи завршување, па дури и со животот, умирање. Еве една необична реченица: “Таа е стара арамивка, стара бабетина”. Кај нас нема БАБЕТИНА, во македонскиот јазик тоа е БАБИШТЕ. Арамија е именка од машки род. И мажот може да биде стар арамија и жената исто така може да биде стар арамија. Непотребно е претворање на именката во женски род, па уште и АРАМИВКА. Именката ПИЈАНИЦА е исто така од машки род. Тој е СТАР пијаница, а не СТАРА пијаница. “Овде на езерото” ако е овде, тогаш е на ЕЗЕРОВО, а не на ЕЗЕРОТО. “Ето ти театар”. Показното зборче ЕТО (наместо ете) се користи многу често. “Ваше високо благородие”. БЛАГОРОДСТВО треба. “Тој е гение”. Голема грешка. Именката гласи ГЕНИЈ. “Ние нејзе ја посакуваме”. НЕА ја посакуваме, а не НЕЈЗЕ. Редовни се синтаксичките грешки како: “Не ми зборувајте”, “Не се лути”, наместо: “Не зборувајте ми”, “Не лути се”.

Сиве овие грешки се повторуваат безброј пати. А ги има уште многу, премногу. Ова е, навистина, сквернавење на прекрасните, незаменливите пиеси на големиот Чехов.

И сега да се вратиме на почетокот. Потребни се лектори. Да, многу потребни. А во споменативе книги напишани се имињата и на преведувачката (од руски) и на лекторот. Значи тука имало лектор. И сега?! И најверојатно, неговиот “труд” е платен. Инженерот нека му ја мисли, ако му се урне зградата. Овде се урива јазикот, но никој петпари не дава за тоа. Нема казна!

Loading