ОРАЊЕ И УРИВАЊЕ НЕ Е ИСТО

ivce1Експониран господин. Универзитетски професор. Уставотворец. Поранешен висок политичар. Овие атрибути треба да нé наведат дека треба да има висок степен на знаење на македонскиот јазик. Литературниот. Својот јазик. Чест гостин е во нашиве телевизиски емисии. Уште почести се неговите јазични грешки. Го слушавме неговиот последен настап. Ги критикува институциите, дека биле ЗАКРЧЕНИ. Како ли само го одбра овој збор?! Српски е тој збор професоре! А вам не ви е првпат да користите многу србизми. Сте можеле да одберете и некој друг збор со соодветно значење, но ако веќе сте го одбрале токму тој, тој на македонски гласи – ЗАПРЕЧЕНИ, ПРЕПРЕЧЕНИ, ЗАГЛАВЕНИ, и можеби уште некако поинаку, а ЗАКРЧЕНИ – никако!

Америка ја зафати ужасно невреме. Поплави, ветришта со над 200 километри на час. Се изнаслушавме дека ураганот имал РАЗОРНО дејство. А и за оние нуклеарни проби што ги врши Северна Кореа, и за нив слушаме дека и тие имале РАЗОРНО дејство. А зар не е јасно дека силниот ветер урива, а не ора. Неговата сила РАЗУРНУВА, а не РАЗОРУВА. Нуклеарните атомски проектили, исто така, РАЗУРНУВААТ сé наоколу, а не ОРААТ. Нели често се кажува колкава е РАЗУРНУВАЧКАТА моќ на нуклеарното оружје? Нели подморниците, оние брзи подводни бродови кои вооружени со топови, торпеда, подводни мини, нели тие се викаат РАЗУРНУВАЧИ? Во српскиот јазик тие се РАЗАРАЧИ, па затоа (во тој јазик) нивното дејство е РАЗОРНО. Именката РАЗАРАЧ кај нас не сме ја слушнале некој да ја употребува, но дејството, речиси сите го викаат РАЗОРНО, наместо РАЗУРНУВАЧКО. Не мислат дека со тоа ги уриваат, ги разурнуваат нашите јазични правила и норми.

Да разорува може да се рече за тракторот, за плугот. Тракторот (плугот) ја разорал земјата, тргал бразди, ја изорал. Значи, драги наши, или ајде да го употребиме речникот на Никос Коѕијас, најмили наши, правете разлика меѓу ОРАЊЕ и УРИВАЊЕ.

Слушнавме пред некој ден пак од некоја наша телевизија дека охридскиот чинар бил најстаро дрво во земјата. Не ни кажаа во која земја. Вака како што е кажано треба да се разбере дека охридскиот чинар е најстаро дрво во (на ) сета земја, во светот. Ако речеме дека Амазон е најполноводна река во (на) земјата, јасно е дека се мисли на сета земја (планета). Со чинарот не е таков случајот. Тој може да биде најстаро дрво во ЗЕМЈАВА (наша), а не во ЗЕМЈАТА. Еве, членот станува вечен проблем.

Се нервира гласноговорниот пратеник. Владата била КРИТИКОВАНА. Меѓу другото, спомнува дека и тој се занимавал со пишување. Па, еве сега и ние да го “искритиковаме”. Нашата глаголска придавка гласи – КРИТИКУВАНА, а не КРИТИКОВАНА. Човекот е охриѓанец, но охриѓани не велет КРИТИКОВАНА. 

Loading