РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА КУЌАТА НА КОНЕСКИ

blaze koneski-Иницијатива за Небрегово

Друштвото на писателите на Македонија денеска во селото Небрегово, ќе ја одржи манифестацијата “Во чест на Блаже Конески”, која е дел од кампањата за ревитализација на родната куќа на големиот македонски поет, книжевен научник и лингвист.

На средбата, во рамките на проектот “Нов културен бран” на Министерството за култура, ќе настапат 20 истакнати поети од различни генерации. Со стихови, поетите на ДПМ ќе му оддадат почит на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација која годинава одбележува 70 години од формирањето.

Манифестацијата во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе ја отвори претседателот на ДПМ, Веле Смилевски. Писателот Милован Стефановски ќе зборува за поставувањето на спомен-плочата на куќата на Конески, во 1998 година, во времето кога тој беше претседател на македонската писателска асоцијација. Обраќање ќе има и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата.

Друштвото на писателите на Македонија секоја година ги одржува познатите “Денови на Блаже Конески” по повод неговиот роденден, 19 декември 1921 година. Во рамките на оваа манифестација е и традиционалната “Средба на генерациите”, на која настапуваат поетите, членови на ДПМ.

Loading